Проекција на кореографско видео во рамките на проектот „Танго Единство: Прегрнување на разликите преку танц“

„Фамилија Тангови“ Скопје вечерва во 19.30 часот во Кафе „Ла Фе“ во Скопје организира проекција на кореографското видео создадено во рамките на проектот „Танго Единство: Прегрнување на разликите преку танц” поддржан од British Council во рамките на проектот Култура и Креативност за Западен Балкан (Culture and Creativity for Western Balkans – CC4WB).

Проектот „Култура и Kреативност за Западен Балкан“ (CC4WBs), финансиран од Европската Унија, е фокусиран на поттикнување на дијалогот во Западен Балкан преку унапредување на културниот и креативниот сектор за зголемен социо-економски импакт. Во период од 48 месеци, проектот CC4WBs има за цел да ја подобри работата на културниот и креативниот сектор, да ги унапреди вештините, знаењето и пристапот до финансиска поддршка за зголемување на конкурентноста и одржливоста на копродукцијата и циркулацијата на добра и услуги во Западен Балкан.

Во ова видео настапуваат членовите на младиот менторски тим на „Фамилија Тангови“, а кореографијата е резултат на тримесечна работа под водство на инструкторскиот тим: Марија Бејкова, Александра С. Златановска, Светлана Г. Богоевска, Хелена Штрбац, Зоран Ѓорѓиевски и Трајче Симоноски. За снимањето и монтажата се погрижи Димитар Атанасоски.

Посебна благодарност до Музејот на Македонија за великодушното отстапување на својата галерија за потребите на снимањето.

Самиот проект, којшто „Фамилија Тангови“ го реализира во партнерство со Школото за танц „Буена Виста“ од Подгорица, има за цел да ја слави младинската креативност и да ја зајакне улогата на жените во општеството, да ја промовира танго уметноста и да го истакне значењето на културната соработка во регионот.

Сподели