Во „Матица ексклузив“ во Скопје вечерва во 18.35 часот ќе се одржи промоција на романот „Во длабочината на моите рани“ од младата авторка Благица Каревска. Книгата, неодамна ја објави книгоиздавателството „Панили“, има елементи на психолошки роман, фантастика, љубовна приказна, семејна драма и трилер.
Со романот Каревска дебитира на македонската книжевна сцена. Делото нема класични протагонисти и антагонисти, затоа што секој од ликовите го носи својот товар што го поттикнува да ги доживее и најголемите падови и најголемите предизвици и издигнувања во животот. Преку приказната за девојка што се судира и со најблиските, и со општеството, и најмногу со самата себеси, со сопственото потекло и со сопствените слабости, Каревска отвора лепеза на уште многу не само на потресни и трагични, туку и на вистинити животни приказни, за коишто сме свесни, но ги избегнуваме во секојдневието.





