Во Битола почна со работа Книжевниот клуб „Утопија“, иницијатива што ги обединува читателите, издавачите и книжарниците, создавајќи простор за инспиративни средби и дискусии за книгите што оставаат трага. Неделава се одржа средба посветена на романот „Црквичето“ на Владимир Костов. Зборовите од романот се претопија во вистински разговори, а страниците станаа мост меѓу генерациите.

– Книжевниот клуб „Утопија“ не е обичен книжевен собир – тоа е место каде што историјата, спомените и литературата се преплетуваат со сегашноста. Во град како Битола, каде што секој агол носи одек од минатото, оваа книга не можеше да биде подобар избор за почеток на функционирањето на Книжевниот клуб. „Црквичето“ не е само роман, туку карта до скриените простори на меморијата, до личните и колективните митови, до местата каде што минатото не е само нешто што се памети – туку нешто што се живее. Февруари ќе го помнам по читањето на романот – вели Христина Фуна, иницијатор на формирањето на клубот.

Меѓу присутните кои дискутираа за романот беше д-р Борис Ангелков, универзитетски професор во пензија и некогашен ученик на Владимир Костов. Тој зборуваше за својот професор со прекрасни сеќавања на средношколските денови. Професорот што ги зарази своите ученици со љубов кон книгата, што ги научи дека литературата не е само збир зборови, туку архитектура на човечката мисла.
Книжевниот клуб упати повик до битолчани, македонските издавачи и книжарници да се приклучат на овие средби. Клубот ќе биде отворен и бесплатен простор за промоција на книгите и читањето.

– Во свет каде што брзината на информацијата го надминува квалитетот на размислувањето, Книжевниот клуб „Утопија“ нуди нешто што стана реткост – простор за тивки, но значајни разговори – рече Јасмина Атанасова која го води клубот од неговото формирање.
Март е резервиран за книгата „На небото има реки“ од Елиф Шафак, што ќе биде фокус на третатата книжевна средба закажана за 2 април (19 часот) во Клубот „Утопија“.





