Се вели дека треба да се внимава што се посакува, затоа што тоа може и да се случи. Според мене, сепак најважно е да се научиме своите желби, мисли и чувства да можеме да ги искажеме со зборови и да не се спречуваме или срамиме од тоа, ниту пак да манипулираме со тоа.
Пишува: Љубица Ангелкова
Некои претстави се доживуваат, некои се анализираат, а некои – едноставно, ве гледаат вас додека вие се обидувате да ги разберете. „Жиголо“ не е класична театарска приказна. Таа е огледало, сценска игра, експеримент со желбите, улогите и вистините што ги прифаќаме или ги одбиваме. Во режија на Благој Мицевски, уметник кој знае како да ги расплетка слоевите на театарската илузија, оваа претстава не прашува што се случува, туку зошто го гледате токму тоа?

На сцената, портретот на Фројд го набљудува секој збор, секој потег, секоја недореченост. Ликовите влегуваат и излегуваат од своите костими – но дали излегуваат и од своите улоги? Ако мислите дека ова е само уште една приказна за заведување, моќ и тајни, тогаш прашањето е – кој кого заведува? И што ако токму вие сте дел од сценариото?
Во костимите ги криеме ликовите, а во режијата ги разголуваме. Режисер или костимограф – што е поголема илузија? Дали сметате дека создавањето на визуелниот идентитет на ликот е подиректен начин на раскажување приказна од самата режија?
-Ако кажеме дека понекогаш сценографијата може да биде решение за претстава, тогаш костимот е решение за ликот. Сепак, режијата е таа која ги обединува сите сегменти во една целина која се обраќа кон публиката. Со оглед на тоа дека јас сепак првенствено сум визуелен тип и при режирање претстава, најважен ми е моментот кога ќе ја „видам“ претставата во мојата глава, а потоа лесно ја пренесувам на сцена. Тоа ми е сѐ уште повозбудлив и понепознат терен, отколку костимoграфијата со која комуницирам побрзо и подиректно, со оглед на огромното искуство во тој свет.
Во „Жиголо“ има многу улоги. Секој што гледа театар станува дел од него. Дали оваа претстава свесно ја вклучува публиката во играта?
-Една од најважните работи кога се прави нова претстава е да се знае со кого се прави, каде се прави и кој првенствено ќе ја гледа. Битолската публика е пребирлива, но секогаш отворена за нови теми и форми на театар. Претстава во која сите одат на психијатар и кај жиголо за притоа да решат некои од своите актуелни проблеми, ја повикува публиката да го стори истото тоа, затоа што понекогаш решението е само обичен разговор.
Ако „Жиголо“ е сон, кој се буди на крајот?
-Во театарот често не знаеме каде завршува реалноста и каде почнува измислицата. Дали оваа претстава е реалистична или само фасада што крие нешто подлабоко? Таа тенка граница помеѓу реалноста и фикцијата е еден од начините по кои се движи и режијата на оваа претстава, во смисла на тоа дека сѐ е измислица или еден вид на игра, но и реално возможна ситуација. Во документарниот дел од претставата на прашањето што најмногу ценат кај другите луѓе, сите актери одговараат дека тоа е искреноста. Веројатно токму таа најмногу и ни недостига, па се надеваме дека ќе ја разбудиме на крајот.
Фројд на сцената. Во свет каде што сите сакаат да изгледаат силни, оваа претстава се занимава со желбите, тајните, потиснатите емоции. Дали „Жиголо“ е неговата сцена или неговата анализа?
-Во голем дел од работите што ги правам се потпирам на случајноста и интуицијата кои потоа ги канализирам. Фројд случајно се појави на некои фотографии во дел од моите инспирации, но со својата анализа стана неизоставен дел од нашата сценографија и претстава. Мудро нè набљудува и нас и публиката.
Дали костимот е илузија или заштита? Човекот што се соблекува до крај честопати е поприкриен од оној што носи костим. Како гледате на симболиката на облеката во овој проект?
-Јас костимот го дефинирам како простор за актерот кој го дефинира ликот и носи информации потребни за гледачот на прв поглед. Се трудам во последно време претставите и костимографиите да се поприлично „нормални“, а не плод на некаква имагинација. Во таа смисла и во оваа претстава костимите на суптилен начин ја помагаат играта на актерите и откриваат дел од нивниот карактер, сепак како и ситуациите во претставата тоа е реална облека која е можеби комбинирана на необичен начин.
Како би изгледала претставата ако ја режира некој што никогаш не чул за љубов? Ако ја одземеме секоја културна, емоционална или психолошка референца за љубовта, што би останало во оваа приказна?
-Па веројатно лошо… љубовта е главниот мотив и причина во овој текст и оваа претстава. Амели, главниот женски лик во самиот текст во еден момент ќе каже дека најважните нешта во животот како љубовта, прегратките, насмевките, се бесплатни во животот што станува сè поскап, а луѓето се поевтини. Па така, без љубовта не би останало многу, веројатно само неискреноста и лицемерието.

Можеме ли да ги запознаеме ликовите само преку нивните желби? Во „Жиголо“ има различни лица, но дали најдобро ги разбираме преку она што го посакуваат, наместо преку она што го зборуваат?
-Се вели дека треба да се внимава што се посакува, затоа што тоа може и да се случи. Според мене, сепак најважно е да се научиме своите желби, мисли и чувства да можеме да ги искажеме со зборови и да не се спречуваме или срамиме од тоа, ниту пак да манипулираме со тоа. Сепак, најважно е работите да се именуваат со точни имиња како не би дошло до заплети и недоразбирања како и несакани ситуации.
Кога животот ќе стане сцена, кој режира? Се чини дека денес сите играме некоја улога – во социјалните мрежи, во јавноста, во приватниот живот. Дали оваа претстава е за светот што веќе го живееме?
-Во голем дел да, мислам дека во дигиталниот и виртуелен свет поминуваме огромен дел од нашето време и живот и дека се повеќе има ситуации во кое се прашуваме дали нештата навистина ни се случуваат нам или не. Самиот автор вели дека главно се инспирира од ликови во реалниот живот и во таа смисла мислам дека голем дел од публиката ќе се препознае во ликовите и нивните проблеми, што пак од практичен дел за една претстава е добро затоа што побрзо ќе допре до гледачите. И да, во тој свет сите играме некаква улога, најчесто под лажно име.
Режира судбината се вели… но и таа често си ја пишуваме сами.
Дали најдобриот театар се случува зад затворени врати? Луѓето се искрени кога никој не ги гледа. Ако оваа претстава е прозорец кон нечија интимна приказна, дали навистина сакаме да ѕирнеме?
-Актерите се секогаш изложени пред публика, ние останатите уметници исто така, правиме работи што треба да се гледаат, па во таа смисла имаме привилегија голем дел од она што е во нас или зад врата, јавно да го покажеме и оставиме место за нешто ново. Светот на социјалните мрежи таа видливост и достапност ја наметна како задолжителна и тоа е новиот начин на комуникација и пристап до многу приказни, а љубопитноста е една од основните човекови карактеристики и можеби најважна за секој уметник.
„Жиголо“ е театарски чин или огледало? Дали оваа претстава го користи театарот за да раскаже приказна или приказната за да ни покаже театар?
-Би рекол и едното и другото во исто време. Пред сѐ, тоа е претстава која промовира нов современ македонски текст и авторот Игор Кузмановски. Потоа, тоа е првата премиера за оваа година на Битолскиот театар и нова претстава која ќе се обиде да ја врати публиката во салите како дел од стратегијата и поголемата кампања на истиот. Секое уметничко дело треба да има и раскажува некаква приказна, а во театарот тоа го правиме преку претставите… сѐ останато е само емоционална експресија без причина.





