Во каталогот „100 предмети од збирките на Археолошкиот музеј“ на сликовит начин хронолошки се претставени 18 музејски збирки на 150 страници. Недостасуваше ваква книга, да ни покаже со каква институција си имаме работа. Што има во таа институција, што можеме да видиме, што можеме да научиме ако отидеме во Археолошкиот музеј. Оваа книга наједноставно може да се опише како своевиден трејлер за она што може да се види во музејот, рече проф. д-р Драги Митревски на вчерашната промоција на каталогот во Археолошкиот музеј во Скопје.

На промоцијата присуствуваа академици, професори од областа на археологијата, претставници на дипломатскиот кор, директори на национални институции и многу археолози и музејски работници. Ги поздрави министерот за култура и туризам, Зоран Љутков кој рече дека вредното двојазично издание ја води публиката на несекојдневно патување низ вековите, откривајќи важни моменти од праисторијата до античката и средновековната историја и култура на овие простори.
– Каталогот произлегува од стогодишното постоење на Музејот, кој со својата дејност и развиток од основањето во 1924 година па сè до денес несебично придонесува во истражувањето, заштитата, чувањето и презентирањето на нашето богато културно наследство – рече Љутков.

Директорката на музејот, Магдалена Манаскова, рече дека Археолошкиот музеј ни покажува дека сме дел од поголема приказна, дека пред нас имало генерации кои се соочувале со предизвици, но оставиле нешто вредно зад себе.
– Во време кога светот се менува со неверојатна брзина, кога кризите – било економски, еколошки или културни – нè потсетуваат на сопствената кревкост, токму културното наследство е тоа што нè зацврстува – рече Манаскова.
Уредничка на каталогот е Александра Папазовска. Автори на каталошките единици се кустосите: Љиљана Шаламанов-Коробар, Елена Стојанова-Канзурова, Буњамин Џемаили, Гоце Коцевски, Александра Чевреска, Горан Санев, Перо Арџанлиев, Роберт Петковски, Јане Клековски, Михаил Стојаноски, Радомир Ивановиќ, Филип Аџиевски, Марјан Јагликовски, Перо Јосифовски, Сања Битрак, Славица Бабамова, Мартин Гиевски, Фаница Велјановска и Анета Фиданоска.






