Праизведба на „Жиголо“ во Народниот театар во Битола, распродадени следните три изведби

Претставата „Жиголо“ по текст на Игор Кузмановски, во режија на Благој Мицевски, ќе биде премиерно изведена утревечер во 20 часот на сцената на Народниот театар од Битола. Премиерата и следните три изведби се веќе распродадени, велат од театарот.

„Жиголо“ е претстава што ги брише границите меѓу маската и вистината. Некои приказни се кажуваат. Некои се шепотат. „Жиголо“ е онаа што не можете да ја избегнете – ќе ве најде во очите на ликовите, во паузите меѓу зборовите, во она што се гледа, но никогаш не се кажува гласно. Оваа претстава ја истражува тенката линија меѓу улогите што ги играме и луѓето што навистина сме. Желби што се кријат зад фасади, вистини што се разголуваат во мигот кога светлата ќе згаснат.

„Ова е претстава за искреноста. Нешто што многу ни недостига и сите го посакуваме. Всушност, како неискреноста не’ води на еден пат, не’ става во еден вртлог во животот кој потоа тешко се контролира и од кој не може да се излезе. Се занимававме и со тоа што е сега актуелно, карактери позајмени од видео игрите, вештачката интелегенција, виртуелниот свет, кои не ставаат во машина која не носи во вртлогот на животот“, истакна режисерот Мицевски.

Aвторот Игор Кузмановски истакна дека му е чест што е во најстариот театар во Македонија.
„Јас имам напишано повеќе дела, ова е моја прва праизведба. Среќен сум што работев со оваа прекрасна екипа и се надевам дека текстот ќе и се допадне на публиката. Се работи за драма комедија која ги поставува прашањата: Што се сме спремни да направиме за љубовта? Дали постојат граници? Дали сме спремни да преминеме преку истите?“.

Во претставата играат Марјан Георгиевски, Соња Михајлова, Марија Стефановска, Маја Андоновска Илиевски и Никола Пројчевски. Актерската екипа поминала 60 денови во ритам целосно посветена на претставата, истражувајќи нови актерски патишта и границите на сопствената уметност. Самиот режисерски пристап е необичен – тој не бара класично толкување на улогите, туку емоционална искреност што допира до срцето на гледачот.

Ова и е прва официјална претстава на Андоновска Илиевски, по враќањето од функцијата директор на Центарот за култура.

– Се радувам што сум дел од еден интересен процес, во кој истражував во себе некои актерски нови патишта. Истражував кој е начинот мојот темперамент да се смири и без навидум никаков напор да се раскаже една комплексна приказна, за луѓе кои секодјневно се дружат, работат, сакаат. Јас го играм ликот на психијатарот Карине, кај кого доаѓаат сите ликови од претствата, и на кој начин луѓето гледаат на менталното здравје денес“, изјави Андоновска Илиевски.

Соработуваме 10 години со Благој, од првата премиера „Без паника“. Отвораме со театарот некои прашања кои се тригер во општеството, посебно кај луѓето кои ќе ја погледнат претставата. Како тие делуваат во односот на нивниот најблизок семеен систем и како истиот тој систем делува во општеството. Колку користиме социјални маски за да можеме да функционираме во општеството“, истакна Марјан Георгиевски.

На тоа актерот Никола Пројчевски додава:
„Раскажуваме и за професија која можеби не е прифатлива во тие општествени рамки. Се отвора прашањето дали треба да сме искрени, во што јас не верувам дека секогаш се треба да кажеме. Верувам дека е важна намерата со која жиголото во претставата одлучува да помогне на својата жена на која и е потребна помош во борбата со нејзината болест“.

„ Јас и ликот кој го толкувам имаме нешто заедничко, а тоа е возраста. Во различни фази од животот сите ние поминуваме различни избори, различни провокации од различни страсти, цели, но во третото доба паѓаат маските, изборите и човек се соочува многу повеќе со себеси. После сите премрежја, доживувања и лична драма на губење на партнер, сопруг, фокусот паѓа на други нешта. Во случајот, на ќерката на Елиса. Огледалото во кое се гледа себеси, трагајќи по некоја лична возбуда што животот ќе го направи побогат“, изјавува Соња Михајлова.

Сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимите на Благој Мицевски, а музиката на Марјан Неќак, драматург е Оливера Павловиќ.

Сподели