Концерт на Next to Silence во „Котур“

Групата Next to Silence ќе одржи концерт во клубот „Котур“ в четврток  27 февруари во 21 часот.  Овој концерт ќе биде ретка прилика да се слушне групата во живо, а ќе бидат изведени повеќе композиции од нивните албуми.

Next to Silence е македонски џез состав кој функционира повеќе години и сочинет е од членови кои долго соработуваат со разни музички формации. Групата претпочита специфичен џез израз кој не се вклопува во конкретни категории и истовремено комуницира со духовни и саркастични елементи. Поради својата посветеност да изгради сопствен звук, бендот има привилегија да ја издава својата авторска музика за престижната етикета на Скопскиот џез фестивал, што овозможува врвна афирмација на нивната звуковна уметност.

Во таа насока излегува и нивниот последен албум за СЏФ Рекордс, именуван како „Рух“, а кој е мошне добро прифатен меѓу слушателите, и особено меѓу музичката критика која направи неколку осврти на ова комплексно музичко дело. Нивната умешност, сублимирана и во ова најново издание, не ретко е манифестирана и на нивните бројни настапи, што воедно ќе биде можност да се посведочи и на концертот овој четврток во Котур. На својот настап, освен материјалот од Рух, Next to Silence во репертоарот ќе вклучат композиции и од нивниот претходен албум „…“.

Составот Next to Silence го сочинуваат: Кирил Кузмановски (саксософон), Ади Имери (гитара), Филип Димишковски (клавијатури), Драган Стојковски (бас гитара) и Гоце Наумов (барабани).

Сподели