Излезе третиот број на „Нумерус“ – ментална гимнастика за вештите со бројки

Од печат излезе третиот број на математичкото списание „Нумерус“. Списанието нуди многу интересни рубрики преку кои учениците може да се забавуваат, да решаваат задачи и да се подготвуваат за математички натпревари. Застапени се многу рубриките: Задачи за најмладите, Математички загатки, Одделенска настава, Предметна настава, Олимписко катче, Меѓународни натпревари, Конкурсни задачи – одделенска настава, Конкурсни задачи – предметна настава и Наградни задачи.

Списанието особено ќе им користи на младите математичари што се натпреваруваат на актиуелните математички натпревари, но се многу корисни и за самостојно користење на учениците од основното образование, за заедничка работа во математичките секции во училиштата и за додатна настава по математика.

Во оваа учебна година во април ќе излезе четвртиот, последен број на „Нумерус“, што го издава Сојузот на математичарите на Македонија. Во меѓувреме, сите ученици од основно образование што користат „Нумерус“ може да доставуваат свои решенија на конкурсните и на наградните задачи. Најуспешните решавачи на конкурсните задачи во секое одделение на крајот од учебната година ќе добијат диплома и книга во издание на СММ, а ученикот што ќе испрати најмногу точно решени конкурсни задачи ќе добие и некој интересен гаџет како дополнителна награда.

„Нумерус“ е најстарото македонско математичко списание за учениците од основното образование кое го издава Сојузот на математичари на Македонија (СММ). Списанието се издава редовно од 1975 година, кога е отпечатен првиот број.

Повеќе информации за начинот на набавување на списанието на линкот.

Сподели