Со „Хинкемен“ утревечер „Златен Елец“ одбележува пет години

Во Младинскиот културен центар Скопје утревечер од 20 часот, по повод петгодишниот јубилеј, независниот театар „Златен Елец“ ќе ја изведе претставата „Хинкеман“ во режија и адаптација на Тамара Стојаноска. Улогите ги толкуваат: Бобан Алексоски, Дритон Вејсели, Талија Настова/Надица Петрова, Ане Блажовски, Леонида Гулевска и Бранко Михајлоски, музиката е на Лука Тошев. Претставата е копродукција со фестивалот МОТ во Младински културен центар, во месец февруари госуваше во Прилеп по повод 75 години Народен театар „Војдан Чернодрински“ пред полна сала.

Со „Хинкеман“ се отвори минатогодишниот фестивал „Млад отворен театар“, работена е според анти-воената и експресионистичка драма (Der deutsche Hinkemann, 1923) на Ернст Толер чија најголема инспирација бил актуелниот историски контекст и времето во кое создава. Текстот се обидува да ја пренесе духовната ситуација на народот и истовремено бара правда и подобра иднина со цел да се исправи кривата сликата на тогашното општество.

Овој текст е своевидно истражување на бруталните сили што управуваат со нашиот свет – војните, социјалните неправди и немилосрдните системи на економска моќ што ја ловат работничката класа. Јуџин Хинкеман, воен ветеран кој се враќа дома физички и психички ранет, ги симболизира многуте оние кои се напуштени од системот во оној момент кога повеќе не се потребни како работна сила и можност за заработка. Претставата покажува колку длабоко вкоренетите предрасуди и стравот од непознатото создаваат култура на булинг и малтретирање, каде што општеството ги малтретира оние кои отстапуваат од нормата – без разлика дали поради физичкиот изглед, половите улоги или било која друга согледана различност.

„Хинкеман“, нуди храброст да се погледне светот низ очите на оние кои се маргинализирани и дискриминирани и дава порака за разбирање, емпатија и заедништво.

Независниот театар „Златен Елец“ Скопје, постои од 2020 година, основачи се актерите Бобан Алексоски и Надица Петрова. „Дневникот на лудиот“, „Човекојадство“, „Куќа на духови“, „Не ми го чепкај пивото“, „Шапка, чоколадо, анус и уште нешто“, „Која сум јас“, „Не се курчи“, „Разнесени“, „Кенди“, „Пингвинот“, „Грета“, „Добри луѓе“, „Хинкеман“ и уште неколку претстави за деца се проектите со кои овој независен театар досега учествуваше на многу фестивали и манифестации кои донесоа неколку награди и признанија.

Во 2023 година претставата „Кенди“ во режија и адаптација на Тамара Стојаноска освои главна награда за најдобра домашна независна продукција „БИШ“ на фестивалот „Млад отворен театар“ во МКЦ, во 2024 година истата претстава беше прогласена за најдобра претстава во целина на Интернационалниот џез театарски фестивал „Нишвил“ во Ниш, Република Србија, малку подоцна на фестивалот „Ристо Шишков“, актерот Лео Поповиќ ја освои единствената награда на фестивалот за најдобро актерско остварување Ристо Шишков, а порано во 2023 година актерите од „Кенди“, Бобан Алексоски и Лео Поповиќ се закитија со главна награда за најдобра партнерска игра на фестивалот на дуодрама во Неготино, наградата „Бранко Ѓорчев“. Награди за најдобар актер досега добиле и Димитрина Мицкоска Трајкоска на фестивалот за дуодрама во Неготино за претставата „Грета“во режија на Тамара Стојаноска и Бобан Алексоски за монодрамата „Дневникот на лудиот“ на фестивалот „Актерот на Европа“ – наградата „Преспански Дионис“, „Лица без маски“ и на фестивалот „БАТТИФ“ во Тирана каде што награда доби и Ѓорѓи Ризески за најдобра режија на фестивалот.

Театар „Златен Елец“ продолжува и оваа година со нови проекти, гостувања, изведби и фестивали.

Сподели