Неприфатливо ниво на презентација на културното наследство

За потребите на „еднодневната“ изложба, одржана минатата недела во Завод-Музеј од Битола, без согласност на авторите, некој на новиот банер на „Дамата од Милци“, по лично естетско убедување, ги нагласил и зголемил женските (мајчински) атрибути, најверојатно како израз на актуелните модни трендови или пак можна реминисценција на праисториската стеатопигија

Пишува: Бобан Хусеновски, археолог – советник во пензија

Како вовед на учеството на меѓународната изложба, претходеше, што се однесува до предметите од Музејот од Гевгелија, т.е. гробната опрема на „Дамата од Милци“, нејзино прво претставување на изложбата „Статусни симболи на пајонските заедници“ во 2019 година, организирана од страна на Археолошкиот музеј на РСМ од Скопје и НУ Музеј – Гевгелија. Изложбата имаше цел на домашната јавност за првпат, да ù претстави дел од гробните целини кои се откриени во хоризонтот на богати погребувања од 7-6 век пр.н.е., откриени на некрополите Лисичин Дол (Исар-Марвинци) и Милци кај Гевгелија. Прв пат на домашната јавност ù беа претставен прилозите од гробот на „Дама од Милци“, статусно истакната личност од пајонската локална заедница, која на приложената култна палка го носела симболот на сонцето. Во улога на автори на изложбата и каталогот се појавија д-р Александра Папазовска и Бобан Хусеновски.

Деновиве, по тригодишно отсуство од земјата се вратија македонските експонати од меѓународната изложба „Првите кралеви на Европа“, кои беа претставени во некои од најреномираните музејски институции во САД и Канада. Како дел од комплетната меѓународна поставка во која беа презентирани експонати од 23 музејски институции од 11 држави од југоисточна Европа, РС Македонија ја претставија НУ Музеј – Гевгелија, Завод-Музеј Прилеп и Завод-Музеј Битола. Матична институција во САД, по чија идеја и организација се реализира проектот беше Филдовиот музеј од Чикаго, а во улога на партнери се појавија Институтот за древни студии од Њујорк и Историскиот музеј на Канада од Гатино/Отава. Сериозниот и професионален однос на стручните тимови од трите странски музејски институции, презентацијата на целиот корпус на предмети, неговото обезбедување, транспорт и осигурување го поставија на највисоко можно ниво, кое во време на одржувањето на изложбата било познато и достапно.

Оваа вест требаше да го објави крајот на меѓународната изложба, а експонатите, според утврдена постапка да бидат вратени во матичните институции. Но, во Завод-Музеј од Битола еден од нашите најзначајни и најреномирани музејски институции, воедно и носител на дозволата за извоз на музејските експонати во странство, се органзира „еднодневна“ изложба на вратените предмети. Од правен аспект, ваков модел на презентација на културно наследство е непознат во законската регулатива на нашата земја. Овој тип на активност, помеѓу НУ Музеј – Гевгелија и Завод-Музеј од Битола, не бил предвиден, ниту во договорот за учество на изложбата, а најверојатно, ниту во меѓувреме бил изготвен анекс на истиот. Посматрано од музејски аспект, македонските експонати на изложбата во САД и Канда, покрај останатите, беа презентирани на највисокото достапно ниво на постоечките музејски стандарди. По враќањето дома се појавува идеја, спротивна на важечките музејски прописи и Законот за заштита на културно наследство, тие да бидат презентирани еднократно на неколку саати, пред одбрана публика.

Во евтината реплика на музејските стандарди забележана на изложбата во САД и Канада, без учество на сите автори на македонската поставка, некој се осмелил да посегне и по авторското право, односно да коригира дел од веќе објавените авторски прилози. Имено, авторизираната идеална реконструкција на „Дамата од Милци“ за прв пат е прикажана на изложбата „Статусни симболи на пајонските заедници“, одржана во Археолошкиот музеј на РСМ во Скопје во 2019 година.

За потребите на „еднодневната“ изложба, одржана минатата недела во Завод-Музеј од Битола, без согласност на авторите, некој на новиот банер на „Дамата од Милци“, по лично естетско убедување, ги нагласил и зголемил женските (мајчински) атрибути, најверојатно како израз на актуелните модни трендови или пак можна реминисценција на праисториската стеатопигија. На истиот банер, посетителите биле информирани дека бронзената култна пластика и личниот накит на „Дамата“ се од сребро, иако на сите бронзени предмети и по конзервацијата, сочуваната благородна зелена патина е повеќе од видлива.

Ова ниво на изложување на националното културно наследство, посебно на она што се враќа од успешна меѓународна презентација, е под секое ниво достојно за земја, во која музејската дејност постои повеќе од еден век. Минатата година, токму со овој факт се гордеевме и му ракоплескавме на прославата на 100 години од формирање на Археолошкиот музеј во Скопје.

Се надеваме дека за ваков тип на „културни“ настани, во рамки на годишните програми, нема да продолжи во други национални или локални музеи.

Ставовите на колумнистите се лични и редакцијата на Умно.мк не секогаш се согласува со нив.

Сподели