На денешен ден, пред 25 години во Скопје почина актерот Игор Маџиров. Могли, што го сакаа децата неизмерно, а и неговите колеги од Театарот за деца и младинци. Ви споделуваме расказ од писателката Оливера Ќорвезиорска, објавен во 2021 година, во нејзината збирка „Престапни години“ во издание на „Бегемот.
20 ФЕВРУАРИ: ТУПАНИЦА ЗА ИГОР МАЏИРОВ
(1970 – 20 февруари 2000)
Ти чукав со тупаница на заедничкиот ѕид. Знаеше дека тоа не е „Здраво“, ни „Тука ли си?“, ни „Како си?“… Знаеше дека тоа значи само и единствено: „Прегласен си!“. Ја намалуваше музиката, престануваше ѕвонливо да се смееш, продолжуваше да зборуваш тивко и… никогаш не пропушташе да ми возвратиш со тупаница на ѕидот. Кога утредента ќе се сретневме, се смееше, се поздравувавме повторно со истите тупаници во живо. Потоа клекнуваше и со тупаница се поздравуваше и со моите деца. Те обожаваа. Кога ја офарба влезната врата во црвена боја, и тие сакаа таква. Се смеевме до заоѓање на половина пат помеѓу твојата црвена и мојата нормална врата. Многупати во исто време простиравме алишта и заедно гледавме во Водно, барајќи ја смислата. Јас на мојата тишина, ти на твојата гласност.
Фото: Сречко Гунчев





