До 15 мај е отворен повикот за пријавување на заеднички проекти за годишната изложба „Професори и студенти“ што ја организира Младинскиот културен центар од Скопје, а ќе се одржи кон крајот на јуни. Пријавите треба да се достават на електронска пошта: gorjan@mkc.mk, info@mkc.mk со краток опис на настапот со соодветни фотографии од делата. Секој професор може да се претстави со најмногу два свои студенти.
Во сечиј живот на млад творец и креативец, клучна улога игра неговиот ментор, вели Наде Циева, студентка на историја на уметноста.
– Оваа конкретна изложба секоја година гради мост меѓу студентот и неговиот професор, прикажувајќи ги сличностите, влијанијата и разликите преку ликовната уметност како форма на комуникација помеѓу различни генерации. Токму овој спој на разнолики и сеопфатни профили и стилови на уметници ја отвора можноста за продлабочена дискусија за правецот во кој се движи и развива уметноста, на индивидуално како и на групно ниво – вели таа.
Според неа, убавината кај ваквиот тип на групни изложби е што нуди можност за соединување на дела од студенти и професори од голем број факултети и академии во државата. Вклучени се и од државни универзитети како што се Факултетот на ликовни уметности при УКИМ, Ликовната академија при УГД, Факултет за уметности при ДУТ, но и оние од приватен карактер како што се Школата за дизајн и уметност „Скала“, Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје, Факултет за дизајн и мултимедија при ФОН и Меѓународниот балкански универзитет.





