Истражување: Жените и младите не се доволно вклучени во политиката

Ова се дел од резултатите објавени во целосниот извештај од постизборната анкета за изборите во 2024 година што го изработи Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ)

„Граѓаните имаат ниска доверба во политичките партии и нивните лидери. Мнозинството граѓани се скептични кон политичките партии и нивните лидери, при што доминира перцепцијата дека тие не работат во интерес на јавноста и не ги исполнуваат очекувањата на граѓаните“. Ова се дел од резултатите објавени во целосниот извештај од постизборната анкета за изборите во 2024 година што го изработи Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ). Автори на истражувањето се доц. д-р Јован Близнаковски и проф. д-р Анета Цекиќ. Документот нуди длабински увид во изборното однесување, политичките преференции и ставовите на гласачите во земјава. Анкетата е дел од Компаративното истражување на изборните системи (КИИС)/ Comparative Study of Electoral Systems (CSES), кое анализира изборни системи и изборно однесување во повеќе од 60 земји низ светот.

Според анализиата, во земјава има големо разочарување од политичкиот систем и институциите. – Граѓаните изразуваат силно незадоволство од демократското функционирање на земјата и сметаат дека институциите не ги исполнуваат своите обврски кон граѓаните. Ниското ниво на доверба во институциите го зголемува чувството на политичка апатија и ја намалува вербата во можноста за позитивни промени преку институционални механизми. Истовремено, поддршката за демократијата како облик на политичко уредување е стабилна – пишува во извештајот.

Има стабилно, но етнички определено гласање, со зголемена поддршка за помалите политички опции. Изборното однесување помеѓу два изборни циклуси (2020 и 2024) останува релативно стабилно, со јасно изразена етничка димензија, и одлевање на гласовите во македонскиот политички блок од партијата на власт во 2020 кон партијата на власт 2024. Покрај ова, овие избори покажаа и одредено поместување на дел од гласачите кон помали политички партии и новоформирани партии и коалиции. Причините за ова делумно лежат во незадоволството од перформансите на владеачката коалиција 2020-2024.

Излезноста е висока и стабилна, со оглед на тоа дека 88 отсто од испитаниците кои гласале на парламентарните избори во 2024 година истото го направиле и во 2020. Излезноста е пониска кај припадниците на останатите етнички заедници во споредба со Македонците и Албанците.

– Има недоволна политичка вклученост на жените и младите, особено во партиското организирање и кампањите. Жените и најмладата возрасна група (18-24 години) значително поретко се вклучуваат во изборната кампања, гласањето, и политичките процеси во споредба со останатите групи. Овој јаз е особено видлив во членството во политичките партии и во учеството во организирани политички активности, што укажува на системска нееднаквост во пристапот до политичко делување – пишува во извештајот.

Граѓаните се поделени околу причините за нивниот избор, при што речиси третина гласаат врз основа на партиските програми, а друга третина поради воспоставената доверба во раководството на партијата. Секој петти гласач го дава својот глас врз основа на довербата кон кандидатите/ките на партијата. Поголем дел од граѓаните изразуваат задоволство од изборната понуда, а речиси 40 отсто од нив ја носат одлуката за кого ќе гласаат во текот на кампањата или на самиот изборен ден.

– Најзначајни вредности за гласачите при изборот на партија се правичноста, европската ориентација и чесната работа. Сепак, постојат јасни разлики во вредносните перцепции меѓу поддржувачите на различни политички опции, што укажува на извесна поделба во јавноста околу визијата за иднината на земјата. Изборен клиентелизам постои, иако граѓаните генерално ги гледаат изборите како фер и ефикасни. Истражувањето покажува дека граѓаните генерално ги сметаат изборите за фер и ефективни како инструмент за политичка промена. Сепак, клиентелизмот останува присутен феномен во изборните процеси, при што одредени гласачи пријавуваат искуства со притисоци, ветувања за вработување и други форми на политички услуги во замена за глас – пишува во истражижувањето.

Целото истражување на линкот.

Сподели