Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје вечерва во 19 часот ќе гостува полската книжевна ѕвезда Мира Марќинув, по повод промоцијата на македонското издание на нејзиниот роман. Во издание на ТРИ, првиот роман на Марќинув, „Безматичник“ од полски на македонски јазик го преведе проф. д-р Лидија Танушевска. Промоторка на настанот ќе биде книжевната проследувачка Наташа Атанасова, која во разговор со Марќинув ќе влезе во острата и сурово збунувачка книжевна реалност, слична на пчеларник без матица.
– Напишан на жив, современ јазик, „Безматичник“ може да се чита и како таговна бајка за љубовта меѓу мајката и ќерката, но и за животот на ќерката без мајка. „Си живеела една девојка без мајка и без нокти, односно принцеза на Дизни.“ – вели авторката.
Марќинув (1985) е писателка и филозоф, доктор по хуманистички науки и психологија на Јагелонскиот универзитет во Краков, доцент на Институтот за филозофија и социологија на Полската академија на науките. Работи во Одделението за логика и когнитивни науки на Институтот за филозофија и социологија при Полската академија на науките. Авторка е на повеќе трудови: за историјата на полската психијатрија, за меланхолијата, за историјата на идеите, за книжевното лудило, за танцувањето и за животинската психопатологија. Се занимава со филозофија на психијатријата и теоријата на лудилото, со посебен осврт на полското наследство. „Безматичник“ е нејзин прв роман. Во 2020 година за него ја добила годишната награда за литература што ја доделува списанието „Политика“.





