Иле Михајловски: Се чувствувам почитуван, прифатен, еднаков, како сум дел од едно големо семејство наставници

Одделенскиот наставник Иле Михајловски деновиве присуствуваше во Дубаи, на финалето на глобална награда за наставници (Global Teacher Prize) што ја доделува образовната мрежа Gems education со повеќе од 60 години традиција. Опкружен со свои колеги, инспиративни наставници, Михајловски за Умно.мк сподели дека заедно со нив се чувствува како да припаѓа на едно големо семејство.

– Дел сум од друштво во кое сум почитуван, прифатен, еднаков, мотивираш и те мотивираат, споделуваш и примаш нови знаења, но најмногу од се, се радувам што сите наставници овде се чувствуваме како едно големо семејство и како да се знаеме цел живот. Токму тоа е и најголемата награда за секој од нас. Сите ТОП 50 финалисти оваа година веќе сме и амбасадори на Varkey фондацијата, што значи се отвораат нови врати, нови предизвици и ова е само почеток – рече Михајловски.

Иле Михајловски доби голема поддршка од јавни лица од земјава, политичари, министерката за образование и наука Весна Јаневска, од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и од цела македонска јавност. Фондацијата „Варки“ ја доделува оваа награда во соработка со УНЕСКО. Глобалната награда за наставници од 1 милион американски долари ги слави извонредните едукатори од целиот свет, препознавајќи ги нивните неверојатни напори да го трансформираат учењето и да обликуваат посветла иднина.

Сподели