Награда „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад автор

Драмски театар Скопје објави конкурс за доделување на награда „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од македонски млад автор. Во духот на поддршката што Драмски театар Скопје ја имал во минатото со поставување на театарски претстави на драмски текст на млади автори, од оваа година ја востановува наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од македонски млад автор до 30 години возраст.

– Радосни сме и едногласната е поддршка на ансамблот што токму Драмски ја востановува наградата „Горан Стефановски“, зашто и Горан го имаше Драмски за „свој театар“. Од 1974 година кога се постави праизведбата на „Јане Задрогаз“ во режија на Слободан Унковски до праизведбата на „Огнени јазици“ исто така во режија на Унковски во 2013 година, на сцената на Драмски театар се поставени импресивна бројка од 15 негови премиери, а осум од нив се праизведбени постановки – вели директорот на Драмски, Роберт Вељановски.

Наградата го носи името „Горан Стефановски“ и ќе се избира на конкурс во кој е опишана формата и содржината на пријавата за конкурирање и начинот на спроведување на постапката за избор. Конкурсот ќе биде јавно објавуван секоја година преку медиумите и на веб-страницата на Драмски. Рокот за поднесување на пријава и останатата потребна документација е 15 дена од денот на објавувањето на конкурсот.

За спроведување на изборот е задолжена комисија од пет члена, а авторот на наградениот драмски текст ќе биде објавуван на прес конференција во пресрет на 27 април, денот кога бил роден Стефановски. Целта на конкурсот е да ја афирмира современата македонска драма, да го поттикне македонското драмско творештво и да го одржи континуитетот на македонското драмско писмо. Пријавениот драмски текст треба да биде неизведуван и да биде оригинално авторско дело, а не драматизација или адаптација на романи, новели или мотиви на постојни драмски дела.

Добитникот на наградата ќе потпише авторски договор со Драмски театар кој се обрзува да го инкорпорира наградениот драмски текст во предлог-програмата на театарот и да го продуцира со изведба на малата сцена или на сцената „Ристо Стефановски“ во рок од две години. Добитникот ќе добие еднократна парична награда во висина од 60.000 денари, а авторот се обврзува да не го оттуѓува текстот, поточно авторското право на други правни и физички лица сè до праизведбата во Драмски.

Идејното решение за Конкурсот е направено од Дарија Пројковска и Бранко Прља од порталот Арно.мк со помош на вештачка интелигенција со идеја да се мотивираат што повеќе луѓе да ги користат АИ моделите во други креативни проекти.

На сцената на Драмски театар се играни претставите:

1. Јане Задрогаз – праизвеба: 1974; режија Слободан Унковски
2. Диво месо – праизведба: 1979; режија Слободан Унковски
3. Хај – Фај – премиера: 1983; режија Љубиша Георгиевски
4. Дупло дно – премиера: 1984; режија Слободан Унковски
5. Тетовирани души – праизведба: 1985; режија Паоло Маџели
6. Кула Вавилонска – праизведба: 1990; режија Слободан Унковски
7. Чернодрински се враќа дома – праизведба: 1992; режија Слободан
Унковски
8. Сега му е мајката – праизведба: 1995; режија Димитар Станковски
9. Диво месо – премиера: 2000; режија Александар Поповски
10. Тетовирани души – премиера: 2001; режија Сашо Миленковски
11. Жив чоек / Everyman – премиера: 2004; режија Дејан Дамјановски
12. Лет во место – премиера: 2005; режија Љупчо Ѓорѓиевски
13. Демонот од Дебармаало – праизведба: 2006; режија Слободан Унковски
14. Огнени јазици – праизведба: 2013; режија Слободан Унковски
15. My Name is Goran Stefanovski (компилација на фрагмети од драмите Црна
дупка, Лонг плеј, Сараево, Казабалкан, Хотел Европа, Евроалиен и Одисеј)
– премиера: 2022; режија Бранислав Миќуновиќ.

Сподели