Во спомен-собата „Т’га за југ“ во скопската градска библиотека „Браќа Миладиновци“ вечерва во 19 часот ќе се одржи разговор со писателот и преведувач Иван Шопов. Неговата збирка „Зентрифуга“ е книга на месецот на библиотеката и дел од големата кампања „Читаме современи македонски автори“. Разговорот со Шопов ќе го води Александра Јуруковска, а фрагменти ќе интерпретира актерот Андреј Серафимовски.
„Зентрифуга“, издание на „Бегемот“ е збирка раскази полни хумор, иронија, пародизација и очудување. Расказите се навидум едноставни, напишани со лесен, разбирлив стил.
– Но, всушност, тие во себе содржат подлабока тематика бидејќи, преку неочекуваните духовити пресврти, ги откриваат и ги разнишуваат цврсто изградените, конзистентни етички гледишта на зен приказните, често со шокантен резултат. И во другите циклуси од збирката, кои се состојат од микрораскази, Шопов го остава својот препознатлив белег: извлекување на маргинализирани перспективи, очудување или дестабилизирање на вообичаените ситуации, примена на меѓусебно конфликтни раскажувачки постапки за да се произведе ефект на хумор и ново сознание – вели Калина Малеска.
Иван Шопов (1987) е македонски писател и преведувач. Дипломирал на Катедрата на општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Автор е на книги раскази, песни во проза, сатирични текстови. Пишува и поезија и хаику. Расказите и песните му се преведени на англиски, романски, чешки, српски, хрватски, германски, словенечки и на бугарски јазик. Заедно со Владимир Лукаш, во 2019 го основа мобилниот културен центар КЦ 750. Работел како уредник во „Темплум“ и на „Окно“. Преведува од хрватски, српски, бугарски и од англиски јазик.





