Покриен газ никој не го плука. Не ги п(р)остирајте вашите лични податоци!

Големи бели гаќи со порака „Покриен газ никој не го плука“ се поставени на улица Македонија во близина на Спомен куќата на Мајка Тереза, како дел од уметничката акција посветена на борбата за заштита на личните податоци. Акцијата е дел од одбележувањето на Европскиот ден за заштита на личните податоци – 28 јануари. Идејата на акцијата „ Не ги п(р)остирајте вашите лични податоци – Покриен газ никој не го плука“ е преку визуелно допадлив уметнички јазик изразен во едноставна но ефикасна урбана акцијапретставена преку гигантски гаќи и спружени алишта со испечатени лични документи да обрнемевнимание особено на повозрасните генерации сериозно да ги сфатат заканите и проблемите кои произлегуваат од недоволната и несоодветната заштита на личните податоци.

– Секојдневно сѐ повеќе наши граѓани се жртви на злоупотреба на нивните лични податоци. Во полесните случаи ефектите од злоупотребена односно кражбата на личните податоци се сведуваат на пренатрупаност преку е-маил, вибер, СМС и слични пораки на електронските уреди, но во посериозните случаи граѓаните за жал остануваат со празни банкарски сметки исплаќаат разни претплати за кои никогаш не се согласиле, а во екстремни случаи поради злоупотреба на нивните податоци враќаат брзи кредити – велат организаторите од групата Урбани уметнички акции – Урбана герила на Центарот за современи уметности.

Преку оваа акција користејќи го едноставниот народен јазик и острата мисла на народниот творец раскажана во едноставната синтагма, сакаме да потсетиме дека еднакво како што ги криеме „срамните“„делови на нашето тело треба да ги криеме и нашите лични податоци. На овој начин сакаме да влијаеме на јавноста и на граѓаните да ја развијат свеста и да ја разберат сериозноста на потребата за чување на сопствените лични податоци. На овој начин ја одбележуваме годишнината од донесувањето на Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на личните податоци, првиот правно обврзувачки меѓународен документ во областа на заштитата на личните податоците, што има за цел да ја подигне свеста и да ги промовира добрите практики за заштита на приватноста и заштита на личните податоци. Овој датум се одбележува секоја година од сите земји членки на Советот на Европа, како и од институциите на ЕУ.

Акцијата е дел од проектот „Лажни вести – предупредувајќи ги сограѓаните“ поддржан од Програмата за дигитален активизам на TechSoup Global.

Сподели