Театар, филм, екранизам кај децата, менталното здравје на младите… „Умен поткаст“ ни ја одбележа 2024 година

„Умен поткаст“ е еден од проектите што ни ја одбележа 2024 година. Го создадовме како место за инспиративни луѓе и муабети, за поединците кои прават разлика во општеството, а не секогаш добиваат шанса за зборуваат за суштинските теми. Ни гостуваа соговорници од различни професии, сите специфични според она што го работат секојдневно.
„Умен поткаст“ ги спои тимовите на Умно.мк и 101 Podcast Studio, односно Зоотроп Студио, ФлатФорм Филм и Поп Фото Мк. Тимот го сочинуваат уредничките Весна Ивановска-Илиевска и Сребра Ѓорѓијевска, за режијата и монтажата е задолжен Бранко Ристовски, за камера и светло – Орце Поповски, а продукцијата е на Бранко Ристовски и Илија Тирицовски. Проектот е отворен за спонзорства и партнерства во епизодите што следуваат.

Со актерката Ангела Стојановска зборувавме за независната театарстка сцена. Таа е голем поборник за да им се даде шанса на актерите што не се вработени и беше една од иницијаторите на акцијата „Аудиција сега!“. Исто така, таа го предводи и тимот што ја работи платформата за аудиодрами „Самоглас“.

Со режисерката Тамара Котевска зворувавме за нејзината пасија – документарниот филм. „Медена земја“ што го режираше со Љубомир Стефанов ù го отвори светот на филмот и можностите. Котевска ни раскажа за своите почетоци, за својата љубов кон филмот, за подготовките за новиот и прв игран филм.

Епизодата со Љубица Бубе Димовска, специјален едукатор и рехабилитатор отвори широка дебата. Таа зборува за екранизмот како појава, колку е зачестена кај нас, кои се симптомите кај децата. Што да преземат родителите чии деца се зависни од екрани и како да се спречат последиците? Ова се само дел од прашањата на кои се осврна Димовска.

Со Александар Маџаровски-Читачот, дипломиран професор по филозофија, страствен читател од дете зборувавме за различни теми. Читачот во последните четири години е во благодорна мисија да промовира добра литература, не да критикува, но да ги истакнува делата што, според него, заслужуваат внимание од читателите.

Дали би ноќевале среде карпа на 200 метри надморска височина? Со алпинистот Дарио Милошевиќ зборувавме за прекрасниот пејзаж на Демир Капија. Ова е една од авантурите што ќе ви ги приреди алпинистот Дарио Милошевиќ и неговиот тим од Rock Climbing Macedonia во Демир Капија. Тој раскажува за идејата да го промовира ова место во светот, за потенцијалите што ги има, за љубовта кон планината, кон карпите, за позивот да се спаси човечкиот живот без да се бара ништо за возврат…

Режисерот Трифун Ситниковски зборува за љубовта кон филмот, за предизвикот да се биде режисер на документарни истражувачки филмови, но и за убавите влијанија на наставници, режисери, уметници. Десетина кратки филмови тој веќе ги снимил, се разбира дека сонува и за долгометражен филм, но знае дека патот не е едноставен. Во последните години тој дава посебен шмек на истражувачките документарци во продукција на „Истражувачката репортерска лабораторија“ – ИРЛ.

Сакал да биде филмски режисер, но се вљубил во театарот и таму во изминатите две децении покажува што знае. Филмот остана негова пасија и многу често е инспирација за нови претстави или провејува низ претставите. Синиша Евтимов ги создал можеби најгледаните претстави во македонскиот театар во изминатата деценија. Последната премиера му беше претставата „12“ во ноември.

Психотерапевтот и психолог Радмила Живановиќ е секогаш отворена за разговор на која било важна тема. Со неа разговаравме за депресијата и анксиозноста кај младите и како да им помогнеме полесно да ги совладуваат овие состојби. Живановиќ од 2018 година е дел од „Психотерапика“, професионален колектив на европски акредитирани психолози-психотерапевти, тренери и супервизори.

Кога често го слушавме терминот „Новото нормално“, таа си ја нарече својата мисија „Најново нормално“. Целта ù беше да ги навикне луѓето на викенди да одат на изложби. И успеа во тоа. Со Бојана Јанева, историчарка на уметност, кустос во Одделот за едукација и музејско водење при Музејот на современата уметност во Скопје опфативме многу теми, во какви услови ја почна иницијативата „Најново нормално“, како на кураторските прошетки низ МСУ почнаа редовно да доаѓаат поединци, парови, но и цели семејства, какво е значењето на МСУ не само за Македонија, туку за целиот регион, како се живее од плата на историчар на уметност.

Во десеттата епизода на „Умен поткаст“ ни гостуваше актерот Тони Наумовски. Роден во Битола, растен во Сиднеј, завршил на актерската академија во Софија, а во последните повеќе од 15 години својата кариера ја гради во Њујорк. Повеќе од 200 актерски улоги бележи Наумовски во ТВ серии, претстави на Офф-Бродвеј, а постојано му се навраќа и на македонскиот филм. Негово последно остварување во Македонија е „Лена и Владимир“ во режија на Игор Алексов.

Гостин во 11 епизода на „Умен поткаст“ е д-р Никола Стиков, професор на Политехничкиот универзитет во Монтреал, Канада. Тој е првиот Македонец што добил целосна стипендија за студирање на „Стенфорд“, еден од најпрестижните универзитети во светот. Денес, освен што е универзитетски професор, работи научни истражувања на полето на магнетната резонанца. Стиков зборува за годините во скопската гимназија „Корчагин“, за студиите на „Стенфорд“, за предизвиците да се успее во светот, за вештачката интелигенција, за потенцијалот на оваа земја што може да се искористи.

Проследете ги инспиративниот муабети на Јутјуб-каналот 101PodcastStudio. И кликнете subscribe.

Сподели