Студентите на УКЛО, поддржани од менторите го заодуваат патот за да станат интелектуална сила

Третата Универзитетска студентска конференција при Универзитетот „Климент Охридски“ од Битола обедини неколку нови моменти и ги заслужи епитетите: поразлична, посодржајна и поколоритна од претходните. Конференцијата се организира со интернационален предзнак, благодарение на Алијансата КОЛОРС, а се одржа хибридно на 17 декември во просториите на УКЛО.

Студентите од УКЛО ги претставија своите истражувачки трудови заедно со нивни колеги од уште осум европски универзитети, членки на КОЛОРС.

Студентскиот лидер Димитар Атанасовски посочи дека Конференцијата е организирана во целосна организација и соработка на студентите од УСС УКЛО и Ректоратот, прв пат има интернационален карактер – „ со тоа се докажува дека студентот е студент без разлика од каде е, ние сме истражувачи, ние сме и научници и пред сè, докажуваме дека нашата желба за знаење е единствена“.

Истакнувајќи го големото задоволство професорите да имаат прилика да ги слушаат своите студенти, ректорот, проф. д-р Игор Неделковски посебно се осврна кон новината – дека Конференцијата се реализира во рамки на КОЛОРС Алијансата, со меѓународно учество и најдобрите трудови, според минатогодишната идеја, се публикуваат во првото од таков вид студентско научно списание „Нови хоризонти“.

Проф. д-р Игор Неделковски, ректор на УКЛО

Одржувањето на Универзитетската студентска конференција како дел од европското семејство во кое УКЛО е член, претставува посебен момент и нов квалитет и за академската раководителка на УКЛО КОЛОРС, Рената Петревска Нечкоска, со оценка дека ваквите квалификативи за студентската конференција значат многу проширени и збогатени аспекти.

– Студентите на свој начин, поддржани од менторите го врват тој пат што треба до го изодат за да станат интелектуална сила, а трансферзалата со европската универзитетска Алијанса КОЛОРС им овозможува тоа да го направат со свои колеги и ментори од целата Алијанса. Следната година планираме еден чекор повеќе: она што студентите го истражуваат да го адресираат и да го унапредат во реалноста. Покрај тоа што ги вмрежуваме, платформата им овозможува да соработуваат со свои колеги и професори од целата Алијанса и дополнително, со поширокиот еко – систем на соработници.
Меѓу студентските учества на Конференција, презентацијата на Николас Тјефри, од францускиот универзитет Ле Ман, се восприеми мотивациски и инспиративно, особено што тој ги предводи сите студенти на Алијансата КОЛОРС и воедно е нејзин потпретседател.

Проректорката за студентски работи, проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска којашто воедно е главен носител на активноста, смета дека новиот пристап на третата Универзитетска студентска конференција обезбедува пошироко европско и академско значење, особено што Конференцијата обедини дваесетина трудови од студенти и ментори од повеќе европски универзитети од КОЛОРС, истакнувајќи ги придобивките од меѓународното вмрежување, активниот истражувачки напор и пристап, особено што студентските идеи поврзани и артикулирани на нов интернационален начин може да се користат и да помогнат во решавање на општествени теми и актуелни состојби кои ги надминуваат националните граници и имаат поширока социјално – хумана димензија.

Сподели