„Замисли нов свет“ е претстава што може да донесе и поширока публика во театар. Јасна, чиста, гласна, убава. „Замисли нов свет“ ќе ве натера да размислувате за себе, за животот, за нас и колективното. Посакувам да поттикне и други компании и поединци да ја поддржуваат културата и заедно да создаваме нов поубав свет!
Да замислиме нов свет, а да не избегаме од нашата суштина, да избегаме од стегите, да размислуваме за слободата, таа личната, онаа што не’ помрднува од една точка и која ни најчесто ни вели дека бегаме од нешто… Горан Стефановски, нашиот Шекспир ја има доловено сржта на македонскиот идентитет, но неговите наративи иако звучат можеби локално, се светски, човечки, глобални. Борбата за автентичност, за свое, за вечното прашање кој сум и што сакам, извира од секоја негова реченица.

Во ова време на општа какафонија на човештвото, темите на Горан се повеќе од неопходни и секое навраќање на нив е сушност. „Замисли нов свет“ во режија на Нела Витошевиќ е нова премиера на Македонскиот народен театар. Невообичаено за наши услови, но и тоа како за поздрав, оваа претстава ја поттикна Македонски телеком како дел од проектот #НаправиМесто и покажа дека не мора да се чека постојано само на поддршката на државата, туку дека треба да се изнаоѓаат нови начини за поддршка на културата. Продуцент на „Замисли нов свет“ е „Сектор филм“, во копродукција со МНТ.

Сценскиот јазик на Нела Витошевиќ е секогаш чист, јасен, неоптоварен. Овде заедно со драматургот Ана Ристоска-Трпеноска создала убав амалгам од неколку текста на Стефановски и тоа од едни од највпечатливите делови од неговите драми. Лет во место, Диво месо, Црна дупка, Тетовирани души… во убава компактна целина од час и половина се гледа во еден здив. Во претставата играат одличните: Игор Ангелов, Дамјан Цветановски, Стефан Спасов, Ана Јовановска, Верица Недеска, Филип Трајковиќ, Нина Деан и Антонио Ташковски. Беше вистинска радост уште еднаш да се потсетиме колку добра актерка е Верица Недеска и колку ни недостига да ја имаме повеќе на нашите сцени. Таа и даде посебна стаменост на претставата. Секој од актерите толкуваше по неколку улоги и вешто влегуваа од една во друга.

Во една од сцените во претставата режисерката интервенирала и со сцена од современието, воведувајќи поткаст. Претставата е и визуелно убаво спакувана, со костимите на Роза Трајчевска-Ристоска, а сценографијата на Константин Трпеноски е особено функционална во секоја сцена. Музиката е на Огнен Анастасовски.

„Замисли нов свет“ е претстава што може да донесе и поширока публика во театар. Јасна, чиста, гласна, убава. „Замисли нов свет“ ќе ве натера да размислувате за себе, за животот, за нас и колективното. Посакувам да поттикне и други компании и поединци да ја поддржуваат културата и заедно да создаваме нов поубав свет!





