„Патување низ боите – Јубилејни триесет години творештво“ е насловот на изложбата на ликовниот уметник и професор Башким Меџити што ќе биде отворена вечерва во 19 часот во Чифте амам, во Старата скопска чаршија. Неговиот сликарски опус ќе бие претставен со седумдесетина слики изработени во комбинирана техника, акрил на платно. Куратор на проектот е Маја Крстевска, виш кустос во Националната галерија.
Творечкото патување на Меџити се одвива низ неколку циклуси, од најраната младост, дипломирањето на Факултетот за ликовна уметност во Приштина, до неговиот сегашен ангажман како редовен професор на Државниот универзитет во Тетово. Во првата фаза на својот творечки опус, Меџити се фокусирал на изработка на портрети и фигурација.
– Неговиот пристап е индивидуален и длабоко прецизен, досегнувајќи до фасцинантна импресија и индивидуализам со силна емотивна порака. Тоналитетот е јасно изразен, како и придушената анимација на перспективата. Фигурацијата во современата уметност претставува динамичен и комплексен феномен. Кај Меџити таа е оформена со чувство на сликовитост во преносна смисла – велат од Националната галерија.

Во периодот од 1998 до 2014, Меџити е посветен на експресионистички пејзаж и скулптура. Во оваа фаза исклучителен и разнолик е неговиот интерес, каде што преовладува хармонија во палетата што се втопува во целината на прикажаната сцена.
– Студиозно и во јасен манир ги одразува волуменозноста и густината на тоналитетот, со што пејзажите стануваат глетки со природна убавина. Тој со голема леснотија го интерпретира одблесокот на светлината, при што студиозно ѝ приоѓа на темата воздигнувајќи ја до јасен експресионистички израз. Креативноста е моќно изразена, како и субјективноста на ликовниот израз. Во пејзажите е нагласена вредноста на емоцијата, втемелена во топлиот колорит на заднината, прикажувајќи ги мотивите од неговиот роден крај – вели Крстевска.
Во текот на овој период Меџити покажал интерес за скулптурата. Изработил историски фигури во реалистичен стил, на кои секој детаљ е прецизно и пропорционално разработен, изразувајќи завидна хармонија и стабилност во нивното обликување.
Од 2014 година наваму, фокусиран е на апстрактниот експресионизам. Линијата како најстара форма на изразување во историјата на цртежот, Меџити ја користи во своето сликарство како доминанта, за да ни овозможи јасен приказ на избраниот мотив.
– Одлика му е јасен, снажен колорит, рамномерна исполнетост на целата површина на платното. На моменти се придржува до традиционалните мотиви и прави спој со модерното, во насока на функционалност на делото. Воден од потребата за истражување на лирската апстракција и на рационалната свест, и стремејќи се кон доживување на емоцијата, тој интуитивно ги обликува, со спонтани, експресивни потези – велат кураторите.
Изложбата во Чифте амам ќе биде отворена до 16 јануари.




