Самостојната изложба на младата мултидисциплинарна уметница Мила Добревска „Ескапизам: Меморијата и идентитетот” ќе биде отворена вечерва во 20 часот во „Мала станица“ во Скопје. Во програмската белешка за изложбата кураторот Стефан Александар Јовановски вели: „Обредите, традициите и начинот на славење отсекогаш биле дел од нашата културна и лична приказна. Тие не само што ги поврзуваат генерациите, туку претставуваат и форма на ескапизам – моментална пауза од секојдневието и бегство во светот каде што симболиката, редот и заедничкото ја надминуваат индивидуалната реалност.

Мила Добревска (1999, Скопје), неодамна магистрираше на Академијата за ликовни уметности во Равена, Италија со специјализација во современ мозаик. Таа е активен член на Друштво на ликовни уметници на Македонија и МАРТЕ Асоцијацијата за современ мозаик.
Досега имала бројни групни изложби и учество на натпревари на интернационално ниво, од кои ги издвојува презентациите на нејзините дела во Италија, Франција, Шпанија, Србија, Полска, Словенија и Македонија: Националниот музеј на Равена, Manica Lunga- Biblioteca Classense во Равена, Teatro Sperimentale во Пезаро, Националната уметничка галерија Чифте амам во Скопје, Музејот на современа уметност во Скопје, Паратисима во Торино и Шапељ ди лисе Филбер во Шартр, Франција.
Добревска има реализирано три самостојни изложби од кои првата беше во МКЦ, Скопје во 2022 година, а во 2024 година ги реализираше изложбите во галеријата „Пионери Арт Платформ“ во Барселона и во „Св. Станислава институтот“ во Љубљана, Словенија.
Ескапизмот е универзална човечка желба да се оддалечи од барањата на реалноста и да се најде прибежиште во имагинацијата, соништата и моментите на блаженство. Без разлика дали тоа е преку краткотрајна мечта, ритамот на танцот или живописните шари на народната традиција, ескапизмот ни овозможува моментално да го надминеме обичното и да се поврземе со нешто поголемо – нашето внатрешно јас, со културните корени или дури и со нашите најголеми фантазии“.

Јовановски истакнува дека изложбата го истражува човековиот копнеж за ослободување преку живи, емоционално наполнети дела инспирирани од македонското наследство и модерната интроспекција.
– Ескапизмот станува мост меѓу минатото и сегашноста. Македонските традиции, како орото или сложените дезени на везовите, со генерации служеле како бегство, нудејќи радост, заедништво и отпорност во тешки времиња. На сличен начин, нејзините смели и контрастни композиции нè повикуваат да размислиме како денес создаваме моменти на занес – преку уметност, имагинација или саморефлексија – вели Јовановски.
Изложбата на младата уметница Мила Добревска е поддржана од македонското Министерство за култура и КомшиLOOK.





