„Современи театарски осврти“ на Звонко Димоски – збирка есеи што се обидува да го осети пулсот на современата театарска сцена

„Современи театарски осврти“ е насловот на книгата со рецензии што неодамна ја објави авторот Звонко Димоски. Уредничка на изданието е Оливера Андоноска, а рецензенти – Габриела Стојаноска-Станоеска и Сребра Ѓорѓијевска. За дизајнот на корицата се погрижи Емилија Малезан. Освртите претходно се објавувани на Умно.мк, портал за уметност, наука и образование, како и во театарски билтени.

– Сѐ почестиот премин на театарската анализа на интернет е обележан со коментар за замаглување на границите меѓу професионалниот новинар и ентузијастот, неважно дека вториот, исто така, може да биде темелен познавач на театарот. Но, токму интернет-платформите, како што е Умно.мк, создадоа нов простор, далеку од ограничувањата на печатените медиуми со рокови, стилски водичи и потребата од додворување на најшироката публика. Сметам дека театарската индустрија треба повеќе да ги поддржи гласовите од нетрадиционални извори. Сите претстави од независната продукција се гледани за време на одржувањето на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп кој, конечно, и многу оправдано ја отвори сцената за помалку видливите театарски работници.

Театарот, како уметност што постојано е во дијалог со времето, просторот и човекот, не претставува само сцена на креативност, туку и простор за критичка рефлексија. Во овој контекст, „Современи театарски осврти“ е збирка есеи која се обидува да го осети пулсот на современата театарска сцена во C. Македонија, преку анализа и интерпретација на одбрани претстави во продукција на националните театри, како и независните продукции, во периодот од 2021 до 2024 година. Преку ваквите осврти, книгата се стреми да ги покаже трендовите и предизвиците со кои се соочува современиот македонски театар, но и да ја прослави неговата моќ како медиум за комуникација и трансформација, вели авторот Димоски.

– Секој осврт е можност за едукација, не само на читателите туку и на самиот автор и на самите уметници, преку конструктивна анализа што се темели на искуство, познавање и љубов кон театарот. Сметам дека пишувањето осврти е најдобриот начин за ширење на мојот ентузијазам за театарот. Тоа е и најдобриот начин за информирање на читателот со надеж дека ќе создадеме подобра и повнимателна публика. Подобрата, попребирлива публика ја подобрува уметничката форма во секоја смисла на зборот. Театарот опстојувал и напредувал 2500 години токму поради строгоста од креаторите и коментаторите. Да се прави помалку и да се очекува помалку е покана за медиокритет – споделува авторот.

„Современи театарски осврти“ им е насушно потребна на македонската културна јавност, на македонската книжевна наука, на македонскиот театар и театрологијата, на македонските читатели и љубители на театарот и на уметноста, воопшто. Видлив е недостатокот на книги со критички осврти во сите уметности, и во книжевната и во ликовната, а секако и во театарот како мултимедијална уметност. Треба да се поздрават оваа книга и храброста на Звонко Димоски да даде свое учество во прекинувањето на молкот на нашава култура, која веќе неколку децении како да се претвори во култура на тишината поради недоволното присуство на критички размислувања во сите сфери на уметничките области – пишува Стојаноска-Станоеска.

Извадок од рецензијата на Сребра Ѓорѓијевска:

Доблеста на Димоски е што секогаш критикува и укажува со аргументи, притоа избегнувајќи го субјективниот момент дека на критичарот ‘едноставно, нешто не му се допаѓа’. Денес е многу ретко да се сретне автор кој не е оптоварен со фактот дали да напише за некој театар, актер или режисер дека го немал најдобротоостварување. Во малата средина во која живее нашата култура, на моменти, станува прекомплицирано да се биде објективен кон одредена проблематика.

Изданието поддржано од Министерството за култура и туризам.

 

Сподели