Скулпторот Сашо Саздовски учествува на 14. скулпторски симпозиум во алабастер кој трае од 4 до 15 декември 2024 година во Албалате дел Арзибиспо во Шпанија. Саздовски замина во Шпанија по покана од кураторот Сантијаго Мартинез кој селектирал само петмина скулптори од Ирска, Чешка, двајца од Шпанија и Саздовски од Македонија.

– На симпозиумот беше организирано предавање со геолог за тоа како е настанат алабастерот во природата, колку е стар, неговите својства, начинот на ископување, на која длабочина се вади најквалитетниот алабастер и неговата обработка. Најважна беше посетата на најголемиот рудник за алабастер во светот – „Јунајтет алабастер“ што ни овозможи добиеме претстава со каков материјал ќе работиме во следните 12 дена. Ова е ретка можност за нас да работиме со редок и благороден материјал како што е алабастерот – вели Саздовски за Умно.мк.

Отворањето на изложбата на скулптурите од алабастер ќе биде утре 17.30 часот на плоштадот Плаза де ла Иглесиа во Албалате дел Арзибиспо. Изложбата ќе ја отвори градоначалничката Селија Трулен Карбо.
Сашо Саздовски е скулптор и истражувач. Во 2000 година дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, каде магистрирал во 2002 година. Уметничката практика на Саздовски е научно-истражувачка. Во своите истражувања тој е фокусиран на прашањата за бесконечноста како одраз на нашето ограничено постоење во времето и просторот.

Досега има изложувано во музеи и галерии за современа уметност, вклучувајќи го центарот за современа уметност во Абу Даби ОАЕ, уметничкиот центар Марк Ротко во Латвија, фондацијата Хејдар Алиев Баку, Азербејџан, националниот музеј во Индија, Центар за современа уметност MECA, Алмерија Шпанија, 58. Венециско биенале во Италија и други.

Најзначаен сегмент во неговата креативна кариера е реализацијата на монументални скулптури во јавен простор. Досега реализираа повеќе од 20 јавни скулптури во Аргентина, Саудиска Арабија, Оман, Катар, Азербејџан, Словенија ОАЕ, Турција, Косово, Босна, Србија, Црна Гора, Латвија, Русија, Италија, Австрија, Германија, Данска, Чешка, Португалија, Шпанија и Македонија. Тој е професор по ликовна уметност во скопската гимназија „Раде Јовчевски – Корчагин“. Во 2023 година беше визитинг-професор на Универзитетот „Архипелаго“ во Сокотра, Јемен.
Фото: Пандора Апостолоска-Саздовска





