Заткулисна сторија за една научна книга од областа на аудиотехнологијата, прогласена за проект од национален интерес и прва од таков вид кај нас, која беше саботирана и потценувана, но и пиратувана и буквално газена, наместо да биде поздравена
Пишува: Вангел Башевски-Барми, инженер на звукот, блогер, новинар, радиоводител, факт-чекер
Пред извесно време ја објавив мојата научно-популарна книга за историјата на аудиотехниката и музичката продукција, „Биографија на аналогниот магнетофон“, прво издание од таков тип кај нас, кое го работев шест години. Министерството за култура тоа го оцени како проект од национален интерес и му одобри финансиска поддршка, но наместо тоа да го поздрават, многумина му одмогнуваа, го потценуваа, саботираа и дури и крадеа.
Книгата стана еден вид на хит, но, за жал, и во негативен контекст – таа беше мета на пиратство, а легитимниот тираж се познава по налепниците со т.н. QR-код и по тоа што е печатен во странство, што е наведено на последната страница од книгата.
Рецензенти за неа ми беа: м-р Братислав Зафировски-Брацо (тон-мајсторот на „Леб и сол“) и м-р Валентино Скендеровски (од групата „Меморија“, продуцент на дела на Тоше Проески и Каролина Гочева), а стручна редакција ми направи м-р Слободан Таневски, кој ми беше професор по тонска технологија и науката за звукот – акустиката, а тој бил иницијатор за првото независно радио кај нас и за техничкото списание „Емитер“.
Тоа беше голема чест за мене и јас сум им мошне благодарен, но заради лошите услови кај нас и неодговорноста и некомпетентноста на некои други играчи во реализацијата на книгата, првиот обид за тоа беше неуспешен, а доста нејзини примероци излегоа дефектни, по што тие дури беа украдени и на диво продавани небаре се bootleg (што во аудиофилскиот речник значи недоделкано и пиратувано издание на некоја рок-ѕвезда).
Но, јас не сум ѕвезда, а проблемите со кои се соочив ги решавав од свој џеб, со што се најдов во голема загуба. Некој ќе слегне со раменици и ќе рече дека тоа си е нашата балканштина, но во оваа приказна имаше дивјаштво и варваризам какви што дури и кај нас ретко се среќаваат. Ни еден автор не бил третиран вака.
Желбата за таква книга ми се појави уште во детството во СФР Југославија, кога по книжарниците паѓаа в очи атрактивно илустрираните научно-популарни изданија од Белград и Загреб како: „Misterije svijeta Arthura Clarkea“, „Mikrokompjutori u vašoj kući“, „Enciklopedija pasa“, „Svi pištolji i revolveri sveta“, „Otkriće sveta u stripu“ или „Povijest rocka u stripu“. Да не го сфатите ова како југоносталгија – повеќето од нив беа преведени или инспирирани од странски (западни) изданија, но тоа сепак значи дека кај тие издавачи во Белград и Загреб имало некоја свест, добар вкус и компетентност во работата.
Јас мечтаев еден ден и кај нас да има нешто такво, затоа што под поимот книга кај нас тогаш се подразбираше нешто како „Пиреј“ на Петре М. Андреевски, што, без навреда, беше премногу рурално и некомуникативно за современата и урбана читателска публика.
Таа моја книга од 550 страници со над 1000 слики ја работев сам – и текстот и дизајнот, освен печатењето. Знаејќи дека со тоа искрснуваат проблеми и сакајќи да ги превенирам, јас им се обратив за совет на видни графички дизајнери, кои држат предавања на таа тема, но тие не ми помогнаа. Зад тоа се криеше фактот дека кај нас сè се работи стихијно и дека тие немаат поим што да ме советуваат. До решението стигнав сам со големи маки и загуби.
Вие ќе се отепате од дизајнирање на една книга, но печатницата ќе ви ја „редизајнира“, ќе ви ги згреши боите или нешто друго. Тоа се праисториски методи на работа, кои само кај нас опстојуваат, а во светот тоа се решава со стандардизација на процесот и опремата. Да бидам искрен, јас порано работев во скромно книгоиздателство, кај што и ние грешевме и импровизиравме, но сега говорам за видни професионалци и тоа длабоко во 21 век.
И, баш како што предвидов, првиот обид за реализација беше неуспешен, а во еден примерок дури видов отисок од чевел – некој од печатарите газел врз отпечатениот табак. Мојот труд е газен и фигуративно и буквално. Книгата потоа ја видов како се продава на Facebook и тоа дефектна и украдена, со што ми беше украдено и правото на прво објавување, а крадецот таму раскажуваше како со блиските се причестил в црква, што беше хипокризија како онаа опишана во песната „Jesus He Knows Me“ на групата Genesis.
Јас и тоа го предвидов, на што некои ми се потсмеваа во стилот: „Кој би крадел книги?“, а откако тоа се случи, истите тие ме советуваа да го откупам украденото, што е вон здравиот разум. Издавачот потоа презеде мерки за да го реши проблемот, но не успеа целосно во тоа. Тие дефектни примероци залутаа и во соседна Србија, кај што исто така се продаваа.
Кога сме кај крадењето, во книгата користев и мои и преземени слики, но тоа се толерира за благородни, научни, непрофитни и малотиражни проекти, со наведување на авторот ако е познат, што го бранев во предговорот како адвокат. Јас не спиев со ноќи читајќи закони од разни земји и контактирајќи нивни институции, а некојси краде и не анализира многу-многу.
И од мојот блог VBB.mk се крадат содржини од страна на разни веб-портали, кои добиваат спонзорства за тој нивен „труд“, а јас не добивам ништо. Иронично, по социјалните мрежи некои го омаловажуваат моето творештво како безвредно, но тогаш зошто е тоа крадено?
Кога барав каде прописно да ја отпечатам книгата, некои ми префрлаа дека тоа им е невредно за труд или ми нудеа нереални цени (демек, била криза, пандемија, војна, немало зејтин). Родниот град на жена ми во Украина е бомбардиран и ние дома примавме бегалци, па знаеме што е тоа војна, а кај нас луѓето се однесуваат небаре кај нас се војува.
Но, криза беше само за мене, а сите други проекти уредно се реализираа: Прилепски џез фестивал, Галички филмски фестивал, Битола Шекспир фестивал, Кратовски етно фестивал, Дебар кукла фестивал, „Џабе живиш у Скопје“ итн.
Имаше и некои поединци, кои сакаа да ми помогнат, но, за жал, не се снајдоа во тоа, па решив да печатам во странство. Таму се работи далеку подобро, иако не велам дека таму не искрснуваат проблеми, а и странство е широк поим. Покрај тоа што бев и писател и дизајнер и адвокат и менаџер, сега морав да мислам и на транспортот и шпедицијата.
Тогаш ми заѕвони непознат човек (наш, а не странец), кој нападно ми нудеше такви услуги, а тој лажел во странската печатница дека има мое овластување да ја преземе мојата нарачка. Дали тоа беше измама или грешка – никој не ми објасни, но наместо да ја осудат непрофесионалноста на тој човек, некои ми мудруваа дека тој бил „жртва“, која „се борела за леб“, а слично мудруваа и за крадецот. Хохштаплерите да ти биле жртви, не јас.
На крај, работата некако се заврши, но немам чувство на успех. Самиот учествував во растоварот на книгите и сам ги носев по книжарници, но само неколку од нив прифатија да ги продаваат. Дел од дефектните примероци залутаа и по некои библиотеки, па одговорно однесов исправни примероци за замена, но подоцна увидов дека не ја извршиле или барем не секаде, па можеби пак краделе (по тезги имам среќавано книги со печати од библиотеки, што значи дека и таму се краде). По сето тоа, за промоција немав ни средства, ни мерак.
Не сум чул друг автор да бил вака третиран, а мојата работа е потешка од онаа на некој романсиер или поет. Мојата книга содржи елементи од физиката и техниката, кај што еден плус еден е два и не може да биде три, а таа се бави и со историјата на уметноста (главно музичката, но и филмската), што не е егзактна наука, но е сепак наука. Но, само што објавив на Facebook дека книгата излегла, еден коментатор почна да ја омаловажува како ненаучна. Како тој можеше да суди за книга од 550 стр. само секунда откако таа излезе?
Таа вест ја пратив до медиумите, повеќето од кои ја игнорираа, но тие без проблем објавуваат лажни вести, кои ги ловам работејќи како проверувач на факти. Еден од ретките новинари, кој извести за книгата, веста ја срочи толку лошо, што јас во неа имав споредна улога, издавачот – никаква, а главна имаше една книжарница која ја продава книгата. Тој новинар ја добил наградата за новинарство „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, па најдете логика.
Особено разочарува т.н. скопска алтернатива или авангарда, која лелека дека „не се ценеле вистинските вредности“, а кога некој како мене ќе ги понуди, таа го игнорира. Толку суетни со мене не беа дури ни славните тон-мајстори, кои ги контактирав за книгата, како Џон Фрајер (кој работел со Depeche Mode) или Ацо Разборник (кој работел со најбитните југословенски музичари), а неговите сведоштва ми се особено битни, затоа што, за жал, тој подоцна почина. Повеќето странци беа љубезни со мене, а кај нас тоа не беше случај, иако јас секогаш сум помагал кога некој творел нешто вредно.
Сепак, има и добри луѓе, па им благодарам на оние кои ја купуваат книгата и кои го поздравија нејзиното излегување како: музичките новинари Тошо Филиповски и Александар Сандревски-Марсо од Канал 103, музичарите Игор Василев-Новоградска, Вселенаутика, Ѓоко Зафировски-Шон од групата Дени те чува и др. Книгата стигна и до Влатко Стефановски и Драган Б. Костиќ, чии реакции беа подеднакво позитивни, а второнаведениот изразил чудење зошто ништо не сретнал за неа по медиумите, што е одлична забелешка и од што тие треба да се засрамат. Воедно, му благодарам и на Тоше Поп Симонов за некои негови сведоштва за книгата. Некои читатели дури ми пратија слики, на кои позираат со неа покрај ретро-аудиотехниката во своите домови, што е баш cool.
Би сакал за нив да направам ново, усовршено и проширено издание на книгата (како што се прави низ светот), можеби заедно со носач на звук и заштитна опаковка, кое би се работело посконцентрирано и без бавење со споредни нешта. И, би сакал оние кои го имаат првото издание да го заменат бесплатно за новото (како update или upgrade), но би сакал и да имам помош и медиумска покриеност, со што би се исправила неправдата која ми беше нанесена. И, би било редно да имам и промоција. Но, сето тоа бара пари, труд и други ресурси, па не знам дали тоа ќе го доживеам. Можеби тоа ќе го оставам како тестамент, за некој во иднина да го реализира. Можеби тој ќе има повеќе среќа и почовечен третман.
Ставовите на колумнистите се лични и редакцијата на Умно.мк не секогаш се согласува со нив.





