Пишува: Тоше Огњанов
Со познати рок рефрени, енергични гитарски звуци за новите генерации, но и исклучително „возење“ со визуелни ефекти и битови од електронската музика беше исполнета главната бина од последната вечер од 26. издание на музичкиот фестивал „Таксират“ што завчеравечер се одржа во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. На главната сцена први се појавија членовите од бендот „Елементал“ од Хрватска кои воспоставија близок однос со публиката. По нив се појавија „Партибрејкерс“ од Србија со нивните и децениски стари хитови, кои не им беа непознати и на дел од помладите во публиката.

Еуфоријата на главната сцена почна со појавата на балканската музичка ѕвезда и хрватски претставник на „Евровизија“, Марко Пуришиќ, познат и како „Бејби лазања“. Се покажа дека Пуриршиќ и неговиот бенд, со енергичниот звук измешан со рок, електронски звуци и постојано потскокнување на сцената ја освојуваат публиката од новите генерации.

Главната сала целосно се наполни кога на сцената се појавија своевидните ѕвезди на вечерта, норвешкото електронско дуо „Ројскоп“. За нив беше одвоен најмногу простор во програмата и оправдано покажаа зошто привлекоа најмногу публика на последната вечер од фестивалот. Со нивниот диџеј сет, помешан со светлечки ефекти и визуелизации приредија своевидно музичко „возење“ од помирен ритам, кон еуфорична атмосфера која резултираше со овации и барања нивниот настап да продолжи уште подолго. На крајот од вечерта, на главната сцена настапи британскиот диџеј Hot Since 82.
Фото: Тоше Огњанов














