Археологија: Два рода живееле пред околу 150.000 години кај Македонски Брод

Камени артефакти, орудија и оружје, животински коски, горилишта открија археолозите на 14. истражувачка сезона на палеолитскиот локалитет Голема Пешт, кај селото Здуње, Општина Македонски Брод, во Поречкиот Регион. Археолозите работеле во нови квадрати од сонда 5 и откриле исклучително богат движен археолошки материјал.

– Целта на овие ископувања се базираше на издвојување и откривање на граница помеѓу слоевите 2 и 3. Досега немаме точни информации за датирање на горниот палеолит. Поради радиокарбонската анализа детално се собирани јаглени од горилишта кои ќе бидат испратени во лабораторија при Универзитетот во Болоња – вели раководителката на ископувањата, м-р Љиљана Шаламанов-Коробар, кустос-советник за старо камено време во Археолошкиот музеј во Скопје.

Досега, понатамошните слоеви се регистрирани во средниот палеолит, а со методот ЕСР прелиминарниот резултат од слој 19 (анализа на заб од говедо) е датирано во 155.000 (± 18.000) години пред новата ера.

– Од соработката со Институтот „Макс Планк“ во Лајпциг за ДНК, потврдени се сигнали за присуство на два рода: homo sapiens и homo neаnderthalensis – велат археолозите.

Во ископувањата учествуваа археолог Благоја Китановски, архитектот Марта Пејоска, Ангел Анѓеловски (логистика) и надворешните соработници од Универзитетот во Болоња, проф. д-р Андреа Пицин, д-р Лаура Тасони и м-р Аличе Зурзоло.

Која е разликата меѓу хомо сапиенс и неандерталците во научниот прилог на линкот.

Фото: Археолошки музеј

Сподели