Кон книгата „Слобода: созревање на крајот на историјата” од авторката Леа Ипи, едно од највпечатливите книжевни дела во последниве години, сега е достапна во превод на македонски јазик во издание на „Или-Или“. Преводот од англиски е на Калина Малеска.
„Слобода: Созревање на крајот на историјата“ од Леа Ипи (издание на Или Или, 2024) зборува за значењето на слободата и за општествените превирања во Албанија во осумдесеттите и деведесеттите години од минатиот век низ лична перспектива – како тие влијаат врз едно девојче, нејзиното семејство, нејзините соученици, нејзините соседи. Зад сите концепти и општествени категории „стоеше личност од крв и месо“.
Сеќавањата на различни настани од детството ѝ даваат на оваа автобиографска книга квалитети на интересен и возбудлив роман. Книгата пристапува аналитично кон сите настани, а сепак предизвикува цел опсег емоции.
Ова е книга за растењето и созревањето на девојчето Леа во времето на Енвер Хоџа, и во времето на падот на тој систем, кога сите нејзини дотогашни уверувања се распаѓаат. „Работите се одвиваа на еден начин, а потоа на друг. Бев некоја, потоа станав некоја друга.“ За бранот емиграција – „сите сакаат да заминат“ – чии опасности се отелотворени низ настаните на бродот „Влора“ и на погодениот и потонат брод што во март 1997 година пловел од Валона за Италија. За хаотичната транзиција што доведува до отпуштања (она што еден од странските експерти го нарекува „структурни реформи“), до пропаст на пирамидалните штедилници, и до оружените граѓански судири.
Се истражува слободата како концепт и што таа значи во конкретни ситуации: од можноста да се одбере патот од училиште до дома со неочекувани последици, до слободата во и вон контекст на социјализмот, внатрешната слобода, илузијата на слободата. „Слободата не станува жртва само кога другите ни кажуваат што да правиме, каде да одиме, како да се однесуваме. Општество што тврди дека им овозможува на луѓето да го реализираат својот потенцијал, но не ги менува структурите што го спречуваат развојот на тој потенцијал, исто така е опресивно.“
Напишана е со емпатија, интелигентен хумор, повремено и остра иронија, со извонредна карактеризација на сите личности присутни во раскажувањето, со голема доза на самокритичност не само кон себе, туку и кон своите најблиски и својата култура, со голема доза на критичност кон пристапот на странските земји во справувањето со состојбите, како и со свест за тешкотијата да се помират многу контрадикторности.
Преведувањето на оваа книга ми беше огромно задоволство.
Од „Епилогот“:
„Многу од новите пријатели [во странство] се самоизјаснуваа како социјалисти – т.е. западни социјалисти. […] Моите приказни за социјализмот во Албанија и упатувањата на сите други социјалистички земји со кои се споредуваше нашиот социјализам беа, во најдобар случај, толерирани како засрамувачки коментари на туѓинка која сè уште учи да се интегрира. […] Социјализмот на моите пријатели беше јасен, светол и во иднината. Мојот беше хаотичен, крвав и од минатото.
А сепак, иднината што ја бараа, и онаа која социјалистичките држави еднаш ја отелотворуваа, најде инспирација во истите книги, истите критики на општеството, истите историски личности. Но, на мое изненадување, ова го третираа како несреќно случајно совпаѓање. Сè што не функционираше на мојата страна од светот го објаснуваа со суровоста на нашите лидери, или со уникатно назадната природа на нашите институции. Веруваа дека немаат многу што да научат. Немаше ризик да се повторат истите грешки, немаше причина да се размислува за она што било постигнато, и зошто било уништено. Нивниот социјализам се карактеризираше со триумфот на слободата и правдата; мојот – со нивниот неуспех. Сметаа дека нивниот социјализам ќе го донесат вистинските луѓе, со вистинските мотиви, во вистинските околности, со вистинската комбинација на теорија и пракса. За мојот имаше само едно нешто што требаше да се направи: да се заборави.
Но не сакав да заборавам.“





