Изложба на Елена Гелева насловена Youclidean ќе биде отворена вечерва во 20 часот во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. Изложбата се состои од 20-ина дела со различен формат, од грандиозни големи платна до средни не помалку грандиозни по квалитет. Поделени на неколку изразни теми, од шематски, ритмички, преку стилизирани фигурации до апстракции, овие дела ќе ве однесат на спиритуален пат низ вашата душа, ќе дишете подлабоко и побавно наспроти брзиот ритам на модерниот свет и ќе пловите низ богатството на нијанси и форми, приказни без зборови, слики кои лебдат во бесконечноста на просторот меѓу нашите души.
Поаѓам од англискиот јазик;
Изговорот на двете букви ‘Е’ и ‘U’ напишани една по друга и изговорот на заменката ‘You’, речиси не се разликуваат.
Првите две букви ‘Eu’ од зборот Euclidean (Евклидова) ги одземам, и ги заменувам со зaменката ‘You’(Ти).
Идејно, го позајмувам првиот постулат на Евклидовите „Елементи“
1.Права отсечка може да спои кои било две точки.
за шеговито да го предлoжам единствениoт постулат на Youclidean;
1.Kонсензус (права отсечка) може да спои кои било два набљудувачи (точки).
Суштината во делата на Гелева кои кореспондираат со „Големиот бран“ на јапонскиот уметник Кацушика Хокусаи е:
-повторливоста на космосот со секвенци на привидна оригиналност.
Токму тие блесоци на временско индивидуално доживување можеме математички прецизно (ликовно) да го восприемеме од платната на Елена.
Делата се… вид на тантра која е холистички пристап кон животот, кој ги поканува спремните поединци да ги истражат и интегрираат своите духовни и физички размери за подлабоко и поврзано суштествување.
Непотребно е било какво понатамошно анализирање и „дрдорење“ за делата на Елена Гелева која е земно млада уметница но од друга или иста страна, зрела и возрасна авторка која со своите дела има освоено врв, или една единствена точка од „големиот бран“. 1,1,2,3… – пишува Горјан Ѓорѓиев.
Изложбата ќе биде отворена до 30 ноември.





