Здружението на ликовните критичари АИКА Македонија ќе го одржи својот годишен симпозиум утре во 13 часот во Чифте амам во Старата скопска чаршија. Симпозиумот ќе го отвори Ана Франговска, претседателка на здружението. Ќе биде соопштен и добитникот на наградата за ликовна критика „Ладислав Баришиќ“, а Илија Прокопиев, да го презентира и одбрани истражувачкиот проект „Раскинување со уметноста (каква што ја знаеме).“
Главниот дел од ова издание на Симпозиумот ќе се осврне на темата: „Предадена или (оп)круж(е)на маса? Потрага по моделот: „Жива слика“ [tableau vivant] или гласот на критиката?“, конципирана и координирана од д-р Натали Рајчиновска Павлеска, член на АИКА Македонија. Оваа тема го истакнува развојот на пејзажот на уметничката критика генерално, па и кај нас и поканува богат дијалог за нејзината цел, модели и идни насоки.
Во описот на концептот д-р Рајчиновска Павлеска пишува:
„Веројатно наједноставно би било да се потврди дека ликовната критика е дисциплина во изумирање, но се чини дека сè уште опстанува еден значаен сегмент во кој средствата за промоција на уметноста или алтернативниот „критички“ модел на уметноста во нејзините „критички“ облици не успева да ја отповика нужноста или, пак, да ја замени неопходноста од присуството и застапеноста на дневната или периодичната критика. Отсуството на критичките платформи, на стручните списанија и наменски публикации одново е повод да се продискутира предавањето–како–напуштање или опкружувањето–како–заобиколување на горливите теми поврзани со опстојувањето на критичкиот дискурс во неговите соодветни облици.
Оттука, дискурсот на годинешниот симпозиум се повикува на постојните „критики на критиката“ во поширок теоретски и практичен контекст, поставувајќи ги можните паралели за согледување на настанувањето и настојувањето на кризата и кај нас, преку обидите за лоцирање на специфичните причини за нејзиното т.н. „исчезнување“ додека (сè уште) постои“.
На симпозиумот ќе се обратат и: Викторија Васева Димеска со темата „Неколку цртички за ликовната критика“, Мелентие Пандиловски, со „Уметничката критика во третата деценија на дваесет и првиот век“ и Маја Чанкуловска – Михајловска – „Реконструкција или без систем? (некои предлози за практични делувања)
По завршување на обраќањата на координаторот и говорниците кои ќе ја постават основата за дискутирање, ќе се иницира отворена и продуктивна дебата за изнаоѓање на вистински насоки за идно поактивно функционирање и на АИКА и на македонската критика, воопшто.
Проектот е овозможен со поддршка на Министерството за култура и туризам и благодарение на соработката со Националната галерија.





