Златни прстени и фолии, шлем, сребрен кантарос… „Златен гроб“ открија археолозите крај Струга

Богат архајски гроб од 6 век пред новата ера со златни, сребрени и бронзени предмети, слични на гробивите со златни маски од Требенишкатата некропола открија археолозите во селото Корошишта, близу Струга. Засега во гробот се регистрирани 80 наоди.

– Во рамки на гробната целина откриени се бронзен шлем; златни прстени, килибарни и стаклени перли; златни фолии со различни форми и декорација; сребрени игли; бронзен сад за вино; сребрен кантарос; бронзени чинии и други кои подоцна ќе бидат конзервирани и претставени пред јавноста – рече археологот Перо Арџанлиев раководител на истражувањата, на прес-конференцијата што тукушто заврши во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј во Охрид.

Локалитетот денеска го посети министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Во просториите на Заводот и музеј во Охрид беа претставени најновите археолошки откритија во Охридско-струшкиот Регион.

– Овој голем научно-истражувачки успех не само што фрла нови светла на археолошката историја на нашата земја, туку и претставува значаен придонес во европското и светското археолошко наследство. Некрополата е од архајскиот период (6 век пр. Христа), која по многу нешта наликува на далеку попознатата Требенишка некропола која е во непосредна близина. Во рамките на гробната целина регистрирани се околу 80 наоди, од кои дел се пред нас. Откритијата се резултат на последните археолошки ископувања кои го осветлуваат животот на цивилизациите што оставиле траги од минатото, но чија култура и влијание се и понатаму значајни за нашето разбирање на историскиот контекст – рече Љутков.

Археолошките истражувања се дел од проектот за „Систематски археолошки истражувања на архајската некропола Корошишта“ на Археолошкиот музеј од Скопје што се одвиваат на локалитетот Расница во атарот на с. Корошишта, Струшко. Сè започнало во 2020 година кога Шефит Шемшедини при извршување на земјоделски работи во атарот на селото открива бронзен шлем кој потоа го предава во Завод и музеј Охрид.

Љутков изрази голема благодарност за одговорниот пристап кон културното наследство и за несебичната помош и соработка.

– Зачувувањето на нашето културно наследство, не е само наша обврска, туку и одговорност кон идните генерации. Со овие откритија, не само што го прошируваме нашиот историски контекст, туку ја зацврстуваме нашата позиција како важен чинител на регионалната, балканската и европската археолошка сцена – рече Љутков.

Арџанлиев објасни дека во 2023 година тимот од Археолошкиот музеј од Скопје добил согласност од сопственикот на нивата, Букури Шемшедини за вршење археолошки истражувања.

– Овие наоди се од посебно значење за научниот и културниот аспект на истражувањата туку тие ја надополнуваат и сликата за нашето познавање за културно-историските и општествени прилики во овој регион – рече Арџанлиев.

Во Охридско-струшкиот Регион досега се истражувани голем број на некрополи од архајскиот период, со богати гробни наоди што сугерира на активен живот на високо организирана социјална елита на овој простор во тоа време.

На прес-конференцијата присуствуваа и директорите на Заводот и музеј од Охрид, Археолошкиот музеј од Скопје и на Музејот Д-р Никола Незлобински од Струга, Горан Патчев, Славица Бабамова и Цветлана Василевска како и археологот Перо Арџанлиев со дел од тимот археолози.

Фото: Министерство за култура

Сподели