Почина Наде Проева, една од најголемите истражувачи на историјата на Античка Македонија

Почина професорката Наде Проева, една од најголемите истражувачи на историјата на Античка Македонија. Зад себе остави големо научно наследство како траен придонес на македонската историографија. Имаше 75 години.

Проева е родена во Ресен, на 9 септември 1949 година. Во родниот град завршила гимназија. Дипломирала на античка археологија во 1973 година, на Филозофскиот факултет во Белград, со темата „Четири необјавени доцноантички некрополи од околината на Прилеп“. По дипломирањето, до 1975 година работела како кустос во Народниот музеј во Прилеп. Во 1978 во Белград ја одбранила магистерската тема: „Типологија на надгробните споменици во југословенскиот дел во римската провинција Македонија“, а во декември 1992 година, на групата за историја и докторската теза: „Влијание на доселениците на развојот на културните прилики во римската провинција Македонија“.

Од 1979 до 1981 година, Проева била на специјализација во Париз, на Универзитетот Сорбона, каде што се здобила со диплома за продлабочени студии од областите епиграфика, нумизматика и религија.

Од 1984 година била избрана за предавач на Институт за историја при Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (за предметот Историја на стариот век), а од 1993 година и за доцент на предметот Историја на античките Македонци. Се пензионирала како редовен професор.

Повеќе пати била на студиски престои во странство: Полска (1977), Француска археолошка школа во Грција (од 1992 речиси секоја година), француски институт во Истанбул (1993), Австриска академија на науките (1998), Универзитети во Нанси и во Нантер-Paris X и др.

Настапувала на меѓународни научни собири во Франција, Канада, Србија, Бугарија, Хрватска, Естонија, Русија, Романија, Италија, Полска. Проева држела предавања во Хрватска, Словенија, Франција, Холандија. Била уредник на изданијата: Miscellanea Byzantino-macedoniaca (1.1 и 1.2); Historia Antiqua Macedonica (HAM no 11, при што за сите напишала предговор, забелешки, индекси, изработила карти). Има преведено три книги преведени од француски на македонски јазик.

Член е на редацијата на две меѓународни списанија што излегуваат во Белград (Зборник на Народниот Музеј Белград) и Загреб (Трудови на Институтот за хрватска историја, Филозофски факултет). Учествувала во ископувањата на антички и средновековни наоѓалишта во Македонија, Србија, Полска и Грција, во проекти на Археолошки институт во Белград, на МАНУ, на САНУ и на Берлинската академија на науките. Како визитинг професор, таа има одржано предавања на универзитетите во Франција (Нанси, Нантер-Париз X), како и низа јавни предавања за разни прашања за античките Македонци. Работела на популаризација на историската со учество во бројни радио и ТВ емисии, како и написи, прикази на книги и интервјуа во дневниот печат.

Фото: Принтскрин / Извор: Јутјуб

Сподели