Македонскиот долгометражен филм „Не се согласувам“, во режија на Кристијан Ристески и продукција на „Фокус покус“ доби поддршка од SEE Cinema Network – Мрежа на филмски институции од Југоисточна Европа. Овој проект е македонско-кипарско-француска копродукција. На 37. Генерално собрание, присуствуваше в.д. директорот на Агенцијата за филм, м-р Даниела Станковска Плачковска.
Земјите членки донесоа одлука да доделат вкупна поддршка од 72.000 евра, распределена на осум проекти кои ќе добијат финансиска помош од по 9.000 евра за нивен развој. Поддржаните проекти беа објавени на престижниот настан „Агора“, дел од 65. Меѓународен филмски фестивал во Солун.
Поддршката од SEE Cinema Network претставува значаен чекор во развојот на филмска продукција во регионот, овозможувајќи им на авторите да ги реализираат своите креативни визии, да го развијат проектот како копродукција и да ја прошират својата публика на меѓународно ниво.
Во заложба за транспарентност и во согласност со европските стандарди за статистичко евидентирање, SEE Cinema Network ги објави и процентите на родова застапеност за главните учесници — режисери, продуценти и сценаристи. При последните поддржани проекти од оваа мрежа, учеството на жените достигна 43% од вкупниот број на соработници, што претставува зголемување за 44% во споредба со минатата година.





