Симон Трпчески ја крена публиката на нозе во Будимпешта

Трпчески вели дека чувствувал голема одговорност бидејќи станува збор за едно од најсложените дела во творештвото на Брамс

Прекрасен концерт одржа маестро Симон Трпчески во Будимпешта, со симфонискиот оркестар на Унгарското радио, под диригентската палка на италијанскиот диригент Рикардо Фрица. Тоа го изведоа Концертот за пијано и оркестар број 2 од Јоханес Брамс во првиот дел од вечерта, во свечената сала на Музичката академија „Франц Лист“. Трпчески вели дека чувствувал голема одговорност бидејќи станува збор за едно од најсложените дела во творештвото на Брамс.

– И имав чест да го изведувам токму во градот каде што беше и светската премиера на ова дело. Будимпешта толку многу зрачи со уметност. Воопшто Унгарија е една земја со богата култура и историја – рече Трпчески.

Тој за прв пат настапи со оркестарот на Унгарското радио по покана од диригентот Фрица со кого веќе имаат настапувано заедно.

– Трпчески не е само пијанист, тој е пред сè мој пријател, се знаеме многу години и настапувавме заедно. Многу е лесно за мене да соработувам со него бидејќи имаме иста страст кон музиката, имаме совршена музичка комуникација. Се надевам ќе имаме уште многу заеднички концерти – истакна Фрица.

Концерт-мајсторот на оркестарот на Унгарското радио рече дека изведбата на нашиот пијанист била виртуозна и го претставил на вистински начин делото на Брамс.

На крајот на својот настап, Трпчески ù подари на публиката македонска композиција.
– Изведов дел од „Македонисимо“, поточно „Пиперковото оро“. Секогаш сакам да презентирам нешто наше, заради тоа што сум горд на она што го имаме, како ризница, фолклорно богатство, како земја, како Македонија. Публиката имаше можност да слушне унгарска народна музика преку „Концертот“ на Брамс, така што направив една поврзаност, и изведов и македонска композиција – вели Трпчески.

На концертот присуствуваа и неколку Македонци, меѓу кои и Ивица Боцевски, специјалниот претставник на Владата при унгарското претседателство со Советот на Европската Унија. Тој е дел од редовната публика на Трпчески, а овој пат третпат е на негов концерт во официјално својство. Трпчески, пак, никогаш не пропушта можност да го поздрави со некоја македонска композиција. За Боцевски, Трпчески е најголемиот македонски културен амбасадор.

– Тој е и најдобар доказ што пропушта Европа заради недовршената македонска и, општо, балканска европска интеграција. Сиот талент, сета креативност, ум, труд и професионалност на секој Балканец е нераскинлив дел од европската цивилизација, култура, економија и придонесува кон зголемување на европската конкурентност во трката кон врвот во 21 век. Унгарците тоа одамна го знаат и затоа срдечно ја поддржуваат нашата европска интеграција, а и се однесуваат кон нас како веќе да сме земја-членка – вели Боцевски.

Трпчески додаде дека му е посебно мило што овој концерт се случи токму во време на претседавањето на Унгарија со Европската Унија.
– Мило ми е што на овој начин ние, како Македонци, можевме да се претставиме на највисоко ниво и во присуство на официјалниот претставник на Владата. На концертот во Будимпешта имавме и неколку други Македонци коишто ме поздравија во ходникот после настапот. Навистина беше еден многу убав момент и за мене гордост. Ова е една убава културна соработка, помеѓу Македонија и Унгарија, и ќе придонесе за развивање на понатамошните односи“ – рече Трпчески.

Македонскиот пијанист доби пофални зборови од многубројната публика, врвни музичари и познавачи на музичката уметност. Меѓу нив и Франческа Испан, основач на Камерниот оркестар „Солти“, составен од млади дипломирани музичари од Музичката академија. Таа воедно беше и пријателка со македонскиот композитор Властимир Николовски. Турнејата на Трпчески продолжува во Белград, и тоа со два концерта во една вечер, па во Солун, Нови Сад, Сараево.

Сподели