Филмот „Убиј ги прво децата“ на режисерот Димитар Оровчанец ќе ја има својата кинопремиера вечерва во 20 часот во киното „Синеплекс“ во Скопје. Филмот е во продукција на „Трис филмс“ и „ДМФ филмс“. Филмот ќе има проекција и во 20.20 часот. Главните улоги ги толкуваат: Миа Жиро, Мартин Ѓоргоски и Стефан Спасов.
На премиерата ќе учествуваат и режисерот Оровчанец, како и актерската екипа. Дебитантскиот долгометражен филм на Оровчанец е комична приказна за тинејџерка балерина, нејзиниот лудо вљубен дечко и неговиот налудничав најдобар другар со украден полициски пиштол кои се губат во најдлабоките лавиринти на скопското криминално подземје заради мобилен телефон што содржи компромитирачко видео.
– Ова е приказна која ги содржи сите мали животни вистини и ситуации кои потсвесно ги собирам од моите искуства со години, внимателно прикажувајќи вистински луѓе кои сум ги запознал или ги познавам добро. Тоа е филм каде навидум обичните поединци се фрлени во позиција каде што треба да се соочат со екстремни ситуации и како тоа открива неочекувани карактерни црти кај нив; модерна приказна но како од бајките, со шарени ликови и дијалози сместени на урбана позадина. Приказната ја истражува суровоста на човекот како сеприсутна, но колку и да се негативни многу од ликовите, тие сепак изобилуваат со црн хумор – некоја форма на хуманост, која е главната потпора на сè за што се работи во конечниот филм: бесмисленоста на злото, глупоста во агресијата, потребата од секогаш само малку повеќе љубов, убавината и лудилото на младоста – вели Оровчанец.
Филмот имаше светска премиера на Филмскиот фестивал во Сараево, на 19 август годинава, во програмата Open Air. Поддржан е од Агенцијата за филм.





