УКИМ го врати правото за пониска партиципација, „Една може!“ апелира да го следат и другите универзитети

Децата на самохрани родители или еднородителски семејства ќе можат да плаќаат пониска партиципација за студирање откако државните униврзитети ја вратија оваа можност во пријавите за академската 2021/22 година, соопштија младите на „Една може!“ (One can).

Вчера тие реагираа дека од пријавата за упис не е ставена оваа категорија. На тоа реагираше и Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ кое најостро ги критикува новините на државните факултети според кои студентите од самохрани и еднородителски семејства се изоставени и дискримирани според „Правилникот за начинот на проверка на основните критериуми и запишување во квоти на студентите чие родителско право го врши само еден родител, како и посебните критериуми за остварување на ова право“.

– Ниту еден млад човек не заслужува да не може да оди на факултет поради недоволно средства, ниту пак да не може да се пријави на упис на факултет како дете на самохран родител/еднородителско семејство. Тоа е чиста дискриминација! Благодариме на Универзитетско студентско собрание – УКИМ што реагираа, но очекуваме истото и од сите останати факултети, бидејќи овој проблем не е само на УКИМ! Уписите се во тек, се надеваме дека ова ќе се реши веднаш, за да може непречено да продолжат, а и сите студенти од поодминатите години да можат да си го остварат правото на пониска партиципација – велат младите од „Една може!“

Претседателката на Универзитетско студентско собрание при УКИМ Ева Цветковска објаснува дека вчера брзо изреагирале откако добиле дојава од организации кои се грижат за младите од еднородителски семејства.
– За неполн час по нашата реакција добивме позитивен одговор од УКИМ, со што студентите чие родителско право го врши само еден родител го добиваат повторно правото да платат половина од сумата на партиципацијата/школарината за семестарот кој го упишуваат. Тука сме да се бориме за студентскиот интерес и да вршиме притисок во секоја насока за да овозможиме квалитетен студентски стандард. Недозволиво е студент да не може да си дозволи да ги продолжи студиите поради неможноста да уплати семестар! Тука нема компромис – вели Цветковска.

Сподели