Српската комедија „Жени во црвено“ премиерно на 9 октомври во Скопје

Премиерата на комедијата „Жени во црвено“ во Македонија ќе се одржи на 9 октомври во 19 часот на сцената на Националната опера и балет во Скопје. Претставата, која ја носи „ЈEС Продукција“ од Скопје, ги обединува на сцената неповторливите актерки Олга Одановиќ, Дубравка Мијатовиќ, Анастасија Мандиќ и Сена Ѓоровиќ, под режија на Бојана Лазовиќ. Нивната изведба ветува вечер полна со смеа и забава.

Претставата зборува за четири жени што се наоѓаат во комична, но истовремено и сериозна ситуација. Поранешната стјуардеса Тамара и нејзината сестра Нора, која е невработена, се соочуваат со финансиски тешкотии и неможност да го платат својот станбен кредит. Динка, службеничка од банката, доаѓа со намера да го конфискува имотот, но се соочува со неочекуван отпор од сестрите. За да го задржат својот дом, тие преземаат драстични чекори, додека надвор од нивната зграда полицијата и специјалните единици го заоструваат конфликтот. Во меѓувреме, на местото на настанот пристигнува полицајката Анѓа, со свој личен проблем.

Комедијата „Жени во црвено“ на комичен начин ги обработува темите на долгови, финансиски кризи и животните предизвици, истовремено потсетувајќи на важноста од солидарноста, пријателството и заедничкото справување со проблемите.

Текстот е на Давор Шпишиќ, сценографијата и костимографијата Јелена Стокуќа, а музиката е Ирена Поповиќ Драговиќ.

Сподели