Велосипедистот Љубиша Кондев од скопскиот клуб „Енерџи“ освои бронзениот медал во категоријата мастерс на Европското првенство во планински велосипедизам што се одржа од 12 до 15 август во Нови Сад, Србија.
– Атрактивната патека на Петроварадинската тврдина ја возеа претставници на елитните маунтинбајк-тимови и репрезентации од сите европски престолнини. Успехот на Кондев е несомнено еден од најзначајните достигнувања во велосипедскиот спорт во Македонија – велат од клубот.

Кондев е актуелен и повеќегодишен државен првак во планински велосипедизам во земјава, познат по бројните титули освоени на натпреварите организирани во Словенија, Хрватска, Грција, Србија, Бугарија, Турција, Италија. Тој е еден од првите Македонци евидентиран на ранг листата на Интернационалниот сојуз за велосипедисзам (UCI) и тренер по велосипедизам со сертификат UCI Level 2.





