„Дали ја избра нијансата на сиво во која ќе снимаш?“ Како Михал Димек го работеше „Девојката со иглата“

Секогаш сакам да преснимам кадри. Се разбира, тоа никогаш не е возможно. Искуството е единственото нешто што останува кога работите на филм, искуство што го применувате во понатамошната работа, рече на вчерашната прес-конференција Михал Димек, кинематографер на филмот „Девојката со иглата“ кој беше прикажан на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола. Филмот е копродукција помеѓу Данска, Полска и Шведска. Тој низ црно-бела визура ја наслика драматичната приказна од периодот на Првата светска војна, работена според вистинска приказна. Долгите и темелни претподготовки со режисерот Магнус фон Хорн многу придонеле филмот да биде снимен за помалку од 30 дена. Иако дејството се случува во Копенхаген, поради исклучително малиот буџет снимале на локации во Полска.

– Тоа беше добро решение зашто тешко би го доловиле времето пред 100 години во Копенхаген каде денес секој објект е реновиран и во одлична состојба – рече Димек.

Тој има 33 години и излегол од Полската национална академија за филм. Додека објаснуваше каква технологија користиле за да ја постигне посакуваната фотографија, појасни и каква е разликата кога снимате во боја и во црно-бела варијанта.

– Добро е што во претподготовките со режисерот веднаш се договоривме и јас веќе размислував во црно-бел свет. Се сеќавам, еднаш отидов да се консултирам со колешката Јоланта Дилевска и таа ме праша: „Дали ја имаш избрано нијансата на сиво во која ќе снимаш?“ Не знаев што да ù одговорам. Ова прашање ми отвори толку многу аспекти – раскажуваше Димек.

Тој го објасни и процесот низ кој поминувале сите, особено што во овој филм преку актерите и камерата е пренесена целата емоција, зашто приказната е многу интуитивна. Димек рече дека сцените со бебињата биле особено тешки за снимање. Во кастингот барале исклучиво близнаци за да се олесни процесот. На почетокот на сминањето не се познавале добро со главната актерка, иако бил целосно вклучен во кастингот. Првата сцена од филмот бил првиот снимен кадар.

– Цело време додека снимавме имаше отворена и постојана комуникација меѓу актерката и режисерот. Магнус прикажа женска приказна од машка перпектива. Раскажува многу тешка тема која секако влијаеше на секој од нас – рече Димек.

И Јоланта Дилевска присуствуваше на конференцијата. Таа е годинашна добитничка на наградата Специјална камера 300 за особен придонес во филмската уметност. На фестивалот Филмот „Тулпан“. Таа говореше за нејзиното фокусирање на лицата на луѓето и животните и зошто тоа е многу важно за неа, за жените кинематограферки, но се осврна и на значењето на наградата која ù беше врачена на свеченото отворање.

– Кога дојдов да студирам на Академијата никој не веруваше дека е возможно жена да биде кинематогафер. Само еден професор, познатиот Јержи Војчик, веруваше во мене и создадовме силна конекција како ученик и професор. Тој имаше холистички пристап и не’ учеше дека камерата снима и она што се гледа и она што не се гледа. Му приоѓам на лицето како на огледало низ кое минува времето. Мислам дека најинтересно нешто е лицето пред камерата без оглед дали станува збор за документарен или игран филм – рече Дилевска.

За неа, како кинематограферка е важно што снима и зошто го прави тоа. Смета дека е поважно да биде на место каде што чувствува дека е потребна, отколку на место кои ќе ù донесе награда. Според овој концепт и го дефинира успехот.

Марко Брдар, кинематограферот на филмот „Безбедно место“ во рамките на европската Lo-Cap програма, проговори за темата која ја обработува филмот, со оглед на тоа дека станува збор за мошне вознемирувачки филм – интимна приказна која говори за самоубиството на авторот на сценариото на филмот.

– Режисерот го знаев само како братот на Јаков, но кога дознав дека сака да снима филм за оваа приказна веднаш се вклучива и поминав две години со него работејќи на филмот – рече Брдар.

Сподели