Керамика, метални и наоди од камен, бронзен накит открија археолозите на археолошкиот локалитет Врбник во Струга во рамките на годинашните подводни истражувања. Тие беа во рамките на истражувачкиот проект „Подводни археолошки и интердисциплинарни (дендрохронолошки и радиокарбон) истражувања на локалитетот Врбник“ како континуитет на кампањите во изминатите две години.

– Со истражувањата на нов простор северно од постоечката мрежа, беше откриен движен археолошки материјал кој се состоеше од бројна кујнска и складишна керамика, а поретко трпезна керамика и керамички тегови од разбои како составен дел на куќниот инвентар кој се истражуваше. Покрај керамика откриени се и повеќе метални наоди, утилитарни предмети – ножиња, брич, срп, наоди од камен – толчници и фрагменти од мелници, бронзен накит – двојни игли, неколку фрагменти од археозоолошки материјал. Земени се примероци од дрвените колци за дендрохронолошка анализа, која ќе се врши на Универзитетот во Берн, Швајцарија – велат археолозите.

Во истражувањата учествуваа археолозите д-р Александра Папазовска, раководител на проектот, м-р Валентина Тодороска, Цветлана Василевска, Бојан Танески, д-р Орданче Петров, м-р Александра Чевреска и Никола Хаџи-Николов и нуркачкиот тим: Димитар Стојаноски, Никола Кукунеш, Цветко Мариноски, Слободан Рајковски, Драги Цветковски, Никола Мартиноски, Владимир Голабовски.

Првите подводни археолошки истражувања на палафитната населба Врбник почнаа во 1998 година, под надлежност на археолошкото одделение во Музејот на Македонија во соработка со Народниот музеј д-р Никола Незлобински од Струга и Сојузот на нуркачки друштва на Република Македонија, под раководство на археологот Воислав Санев. Од 2001 година истражувањата со мали прекини ги водеше Струшкиот музеј, а во последните три години Археолошкиот музеј од Скопје под раководство на м-р Валентина Тодороска, подводен археолог.

Тимот се заблагодарува на Министерството за култура и туризам за финансиската поддршка на проектот, Заводот и музеј од Охрид и Музејот од Струга за стручната соработка и помош при реализацијата на проектот, до здружението „Норкач“ од Струга за техничката поддршка и логистиката за реализација на подводните истражувања и кампот „Скаут“






