Ретките преживеани професионалци ја делат судбината на секоја професија: исто како и во пандемијата на коронавирус, сите освен лекарите, специјалистите за заразни болести и добитниците на Нобеловата награда за медицина имаа право да учествуваат во јавната дискусија, затоа што тие се, очигледно, тркалата на системот, така во јавниот простор се верува речиси на секого, освен на новинар, вели Борис Дежуловиќ, писател и новинар, што ќе учествува на ПРО-ЗА Балкан.
Пишува: Дејан Трајкоски
Toj е еден од ретките новинари од поранешните ЈУ простори, за кои што нема потреба да се кажува кои се или што направиле. Минуциозен во размислите, точен, методичен, а слободен во изразот, храбар и бескомпромисен, Борис Дежуловиќ е еден од оние што ги врзуваат најсилните шамари на дефектите на општеството. Дежуловиќ од 15 до 17 септември ќе биде гостин на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ во Скопје. На фестивалот, покрај другото, ќе се разговара и за неговата прозна книга, преведена на македонски јазик, „Заеби ја сега илјадарката“.

Вашата книга „Заеби ја сега илјадарката“ содржи некои Фелиниевски елементи. Дали фелиниевскиот свет навистина беше инспирација за некои делови од книгата (на пример, ликот на трафикантката, Ќоравата Жужа), или станува збор само за прикажување на реалноста таква каква што е?
– За нас јужњаците, Фелини е исклучително важен, неговиот свет е иконографски прецизно и точно и наш свет, така што не се работи за неговото наративно влијание – секој Далматинец што го гледал „Амаркорд“ гледал старо семејно видео од неговото детство – туку за уметничката легитимизација на Фелини на тие мали, шашави јужњачки семејни приказни. Затоа, Фелини не беше инспирација, секако не директна, но тој беше важен во ослободувањето на тие дамнешни слики. Цицлестата трафикантка Ќоравата Жужа никогаш не беше како трафикантката Марија Антониета Белуци од „Амаркорд“, но испадна како потсвесна почит за Фелини и нашите возбудливи детства: на крајот на краиштата, ние ја видовме во трафиката во соседството многу пред да го видиме „Амаркорд“ во кино.
За тој роман се вели дека се обидува да одговори на најважното прашање од сите наши војни: кој е чиј непријател и што се случува со непријателот кога ќе ја смени униформата? Миљенко Јерговиќ вели дека авторот ништо не измислил во оваа книга, сè се случило како што е напишано. Дали овој роман сè уште се случува на друго ниво? На пример, дали можеби имплицитно ја одразува и таа некаква вечна борба на човекот против самиот себе?
– Приказната е босанска, значи балканска – приказна за простор во кој внатре се разликуваме само по религија, а надвор само по униформа – но, јасно е, универзална и човечка. Навистина, што сме ние кога ќе ги соблечеме униформите, што сме без униформи и надворешни ознаки? Униформата е нашата кожа, нашата боја на кожа, единственото нешто што може да ги разликува луѓето кои говорат исто, исто мислат, исто работат и ги прават истите грешки, обични, мали, зафркнати и грешни човечки суштества, секој од нив исто како и секој друг. На нашите јазици постои изрека „крвав под кожа“. Облекувајќи му униформа, господарите на нашите мали светови го амнестираа својот воин од таква човечка грешка, претставувајќи го како совршен и непогрешлив – ако ги прашате нашите завојувани племиња, сте го забележале тоа, никој од нив никогаш не извршил никакво злосторство – така што тој несреќен човек повторно станува човечко суштество само мртов. Или, што би се рекло, „крвав под униформата“.
Ме насмеа еден луциден лингвистички комичен момент, кога едно утро на вратата на канцеларијата на директорот на училиштето, доктор на науки Коста Аџија, се појавува плоча на која со големи букви пишувало: Д-Р К. АЏИЈА. Дали е тоа вистинска приказна или сето тоа е измислено, и ако е така, како дојдовте до тоа или до тој вид комедија?
– Во целиот роман не се измислени само две епизоди – онаа со апсурдното чекање такси, што ми се случи во белградска „Славија“ во 80-тите години, и онаа со регрутирањето средношколци, каде што некоја (повторно) бујна докторка со длабоко деколте ги тераше момчињата да се соблечат голи и им го проверуваше нивниот став: ова навистина ми се случи на регрутирањето во гимназијата во воениот оддел во Сплит во 1983 година. Остатокот, заедно со д-р К. Аџија, е целосно производ на мојата имагинација, но и на военото искуство, па – што би рекол мојот пријател Јерговиќ – сè се случи токму како што пишува.
Подолго време живееме во темни времиња за новинарството. Рубрики за култура речиси и да нема, жолтиот печат е најчитан, а младите немаат никаков контакт со класичните медиуми. Ваш коментар за медиумите денес, како еден од основачите на легендарниот „Ферал трибјун“.
– Класичното новинарство, се разбира, е мртво, но тоа не е нова вест. Интернетот не само што ги промени правилата на игра, туку постави сосема нова парадигма, а сега ни претстои темелна реконструкција. Новинарот како посредник меѓу вистината и читателот е завршен, тој е високотехнолошки вишок, прво го заменија самите читатели – користејќи ги социјалните мрежи за да станат директни „продуценти на содржина“, а со злогласни анонимни коментари и „опинион мејкери“ – конечно да бидат убиени од алгоритми и вештачка интелигенција. Ретките преживеани професионалци ја делат судбината на секоја професија: исто како и во пандемијата на коронавирус, сите освен лекарите, специјалистите за заразни болести и добитниците на Нобеловата награда за медицина имаа право да учествуваат во јавната дискусија – затоа што тие се, очигледно, „нивните играчи“, тркалата на системот – така во јавниот простор се верува речиси на секого, освен на новинар.
Сепак, потребно е да се биде искрен и да се признае дека самото новинарство сноси добар дел од вината. Откако југословенското новинарство, на пример, во доцните осумдесетти и раните деведесетти, среќно се предаде на полуписмени крадци на коњи, криминалци и убијци, долгата и бавна смрт на интернет е сè уште најблагата од сето она што јас самиот би го посакал. Во иднина што јас – судејќи по сè, за среќа – нема да ја доживеам, ќе биде неопходно да се најде модел. Кој и да се најде и кој и да се воспостави како комуникациски и информативен модел, тој ќе биде токму оној што човечкиот вид го заслужил.

Се чини како постојано да сте цел на некои псевдоинтелектуалци или групи. Како се борите против непријателите на слободната мисла во овој 21 век?
– Секогаш исто, тврдоглаво размислувајќи со својата тврда глава. Единственото нешто што се смени се носителите на таа неслобода: некогаш тие беа мрачни господари, а денес среќни робови.
Како гледате на политичката ситуација во регионот, особено во земјите од екс ЈУ кои уште не се дел од ЕУ?
– Порано многу поревносно ја следев „политичката ситуација“, повеќе пишував и за регионалните медиуми, а потоа едноставно, хм, се откажав. Добро, можеби „откажав“ е премногу тежок збор, но не е далеку: немам веќе толку време, ниту веќе ја имам таа амбиција. Мене – не знам дали вашиот ценет портал го дозволува тој речник – ми е малку „преку таквото“ и од нас, и од екс Југославија и Балканот како лажно мистично место на дива слобода. Ако на сите овие племиња, од Македонија до Хрватска, им е така добро – а не им е, претпоставувам дека барем еднаш во овие триесет и пет години ќе гласаа за нешто друго – кој сум јас да ги учам и да им солам мозоци? Среќно браќа, и е*ете се?!
Наскоро ќе гостувате на фестивалот ПРО-ЗА Балкан во Скопје, каде ќе биде промовиран македонскиот превод на романот „Заеби ја сега илјадарката“. Колку пати досега сте биле во Македонија и какви се вашите впечатоци?
– Ја сакам Македонија, се разбира, сè уште е моја – речиси половина живот живеев во земја во која летот за Скопје беше дел од домашниот воздушен сообраќај, а Вардар беше стабилен прволигаш – и тоа никој никогаш нема да ми го одземе. Затоа, сега, како и целиот пристоен свет, можев да се додворувам на вашите читатели и да го кажам она што секој сака да го слушне, и да зборувам за македонското гостопримство, големо срце, одлична храна, фантастични барови и прекрасни луѓе, но од моето последно патување во Македонија повеќе од тоа понесов некои сиви, тешки депресии од убавите мали македонски градови, копнежи и безнадежност за кои, се плашам, не знаат многу во Скопје.
И за што продолжувам да дознавам разговарајќи со бројни Македонци и Македонки кои летово работеа како таксисти и келнерки во Далмација за грст евра, сведочејќи на свет во кој Македонците денес ни се како Филипинците или Непалците во „европската“ Хрватска. Ако така сте го замислиле во херојските деведесетти, секоја чест за вас, браќа Балканци. И да: е*ете се.




