Награда за „Хомо“ на Игор Иванов-Изи на филмски фестивал во Индија

Филмот „Хомо“ („Only Human“) во режија на Игор Иванов-Изи доби награда за најдобро сценарио на „Тамил Наду филм фестивал“ што се одржа од 10 до 19 август во Ченај, главниот град на најјужната индиска држава Тамил Наду. На фестивалот учествуваа осумдесеттина филмови од сите континенти на светот.

Фестивалското жири му ја додели на „Хомо“ наградата „Златен козорог“ за најдобро сценарио во рамките на Интернационалната компетитивна програма на игран филм, на која беа селектирани 19 наслови.

Сценариото за филмот го напишаа Игор Иванов-Изи и Сашо Кокаланов, директор на фотографија е Маја Радошевиќ од Србија, сценограф е Кирил Спасески, костимографијата е на Полонца Валентинчиќ, автор на маска на Аленка Нахтигал (двете од Словенија). Снимател на звук е Борис Трајанов, монтажата е на Мартин Иванов, а автор на оригиналната музика е Зоран Спасовски.

Во филмот играат: Александар Матовски-Цако, Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Јордан Симонов, Мајлинда Косумовиќ од Косово, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Сергеј Димовски, Јоана Буковски од Бугарија, Себастијан Каваца од Словенија, Јелена Јованова, Мони Дамевски, Мартин Манев, Славиша Кајевски и други.

Продуцент на филмот е Томи Салковски, а копродуценти се Мирослав Могоровиќ (Арт енд попкорн, Србија), Галина Тонева (Гала Филм, Бугарија), Лумбард Кукај (Триггер, Косово) и Бојан Мастиловиќ (Иридиум Филм, Словенија), кои добија финансиска поддршка од македонската Агенција за филм, Националниот филмски центар на Бугарија, Филмскиот центар на Србија, Косовскиот центар за кинематографија и од Словенечкиот филмски центар.

„Хомо“ светската премиера ја имаше на 51. Интернационален филмски фестивал ГОА во Индија во 2021 година и досега беше прикажан на фестивали во Канада, САД, Велика Британија, Австралија, Чешка, Италија, Шпанија, Франција, Романија, Србија, Бугарија, Грција, Турција, Египет. Ова е петто претставување на филмот во Индија. „Хомо“ е дистрибуиран на териториите на Балканот, а од неодамна ѝ е достапен и на публиката во Северна Америка и Бразил.

Сподели