Учесниците на Графичката работилница „Софија“ – Богданци ќе изработат плакат за претстава на Театар Комедија, најавија вчера организаторите на работилницата на отворањето на 17. Издание. Оваа соработка дојде по потпишувањето на меморандум за соработка помеѓу графичката работилница и Театар Комедија, што е одлична можност младите уметници да го покажат својот талент и во практична примена.

Костадин Танчев-Динка
Ова издание на работилницата повторно ги обединува на едно место најталентираните млади графичари од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и од Македонија. Оваа работилница, која е единствена од ваков тип во регионот, ќе трае до 27 август, и ќе заврши со изложба на изработените дела на студентите учесници во Домот на културата „Бранд Петрушев“.
Учесниците ги поздрави и Костадин Танчев – Динка, доајен на македонскиот графички дизајн и долгогодишен професор и ментор на многу студенти по графика.
Студентите ќе работат под водство на Ива Чуриќ, графички уметник и професорка на Ликовната академија во Загреб.
– За мене е особена чест што сум дел од ваков проект кој овозможува креативност и размена на искуства меѓу млади уметници од регионот. Работилницата не само што го поттикнува творештвото, туку ги отвора и вратите за нови можности – изјави менторката од Хрватска, Ива Чуриќ.

Ива Чуриќ
Организаторите потпишаа и меморандум за соработка со Домот на културата во Богданци, со што се отвораат нови можности за културна соработка и уметнички проекти на локално ниво.
Директорот на Театар Комедија, Дарко Јан Спасов, го објави конкурсот меѓу учесниците за изработка на плакат за театарот, нагласувајќи ја важноста на оваа креативна можност. Директорот на Домот на културата „Бранд Петрушев“, Бранко Сапламаев, изрази задоволство од официјализирањето на оваа соработка и додаде дека се надева дека ќе понудат квалитетни културни содржини за жителите на Богданци и околните населени места.

Дарко Спасов
Претседателот на здружението Графичката работилница „Софија“ – Богданци, Виктор Семенпеев, истакна дека навистина ми е драго што се отвораат нови соработки, можност за нови истражување и вмрежувања. Тој им се заблагодари за поддршката на Општина Богданци, Министерството за култура и Печатница Софија која 17 години стои зад овој значаен проект за сите млади уменици, за културата во Македонија и за културното брендирање на Богданци.

Графичката работилница „Софија“ продолжува да биде значајна културна манифестација која ги спојува младите уметници од регионот, нудејќи им уникатна можност за учење, соработка и творење во сите класични графички техники.





