За моќта на медиумите: Изложбата „Огледало“ на Ѓорѓе Јовановиќ отворена во Њујорк

„Огледало“ е насловена изложбата на мултимедијалниот уметник Ѓорѓе Јовановиќ отворена во Македонскиот културен центар (Галерија МЦ) во Њујорк. Проектот поаѓа од познатата теза на канадскиот теоретичар Маршал Меклуан, отсликувајќи ја сеприсутната дилема за вистинитоста на медиумската содржина.

„Сите медиуми целосно нè обработуваат. Тие се толку распространети со нивните лични, политички, економски, естетски, психолошки, морални, етички и социјални последици што не оставаат ниеден дел од нас недопрен, непроменет. Медиумот е пораката. Секое разбирање на социјалните и културните промени е невозможно без познавање на начинот на кој медиумите функционираат како средини. Сите медиуми се екстензии на некои човечки способности – психички или физички. Тие влијаат на четири симултани процеси: медиумот може да ја подобри човечката функција, да врати некои изгубени практики, да ги застари другите практики и да се трансформира во нова функција“, вели Маршал Меклуан.

Проектот на Јивановиќ се состои од дела/цртежи на страници во весници кои авторот ги користи како позадина за цртање во нив интервенира со цртежи и пораки. Менувањето на контекстот е обид за создавање слоеви со нови различни значења и реалност поинаква од онаа претставена или наменета на страниците на весниците.

– Тој ги комбинира овие цртежи со скицирани и колажирани предмети посветени на светски приказни избрани за лажни вести, како и со примери на уметнички проекти каде лажните вести биле користени како уметничка стратегија – велат организаторите.

Во светот на медиумите и социјалните мрежи, ние сме бомбардирани со се повеќе дезинформации и лажни вести. Најновите информатички и комуникациски технологии само го олеснија и забрзаа споделувањето на таквите информации и последиците се далекусежни. Поради овие причини, Светската здравствена организација го искористи терминот „инфодемија“ за да го опише ова масовно споделување на лажни вести.

Јовановиќ го проблематизира концептот и феноменот на медиумската комуникација во нашиот современ простор и време, обидувајќи се во своите дела да артикулира повик за покритички однос кон сето она што медиумите служат како реалност или факт. Нечија медиумска писменост зависи од нечија свесност за вистинската позиција во медиумскиот пејзаж, кој брзо се проширува, и од неговата подготвеност да ги анализира драматичните промени во самата јавна сфера.

Ѓорѓе Јовановиќ (Скопје, 1980) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2003 година. Работи инсталации, перформанси, предмети, видеа, колажи и слики со цел да постигне трансформација на уметничките димензии на неговиот индивидуален израз со следење на флуидноста на современиот контекст. Реализирал многу самостојни изложби во земјава и во странство.

Сподели