Бугарскиот писател Петар Денчев на мини-турнеја низ Македонија

Бугарскиот писател Петар Денчев во три градови ви Македонија ќе го претстави преводот на своето дело „Малиот бог на земјотресот“ на македонски јазик. Турнејата ќе почне вечерва во 19.30 часот во Јуроп хаус во Струмица. Модератор на настанот е Далибор Плечиќ. Утре (29 мај) Денчев ќе гостува во Скопје во книжарницата „Антолог“ во Центар од 19 часот. Настанот ќе го модерира Пепи Стамков, а освен авторот, ќе се обрати и преведувачот Душко Крстевски. На 30 и 31 мај, Денчев ќе биде гостин и на Меѓународниот фестивал на прозата во Куманово, во организација на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.

„Малиот Бог на земјотресот“ претставува прекрасна приказна која проникнува во скриените односи на животот. Книгата започнува како и многу други: со разделба. Една жена го напушта својот маж без некоја посебна причина. Го прави тоа старомодно, со белешка напишана на рака. Тој не изгледа изненаден, дури на почетокот воздивнува со олеснување дека не ѝ се случило ништо лошо. Така навлегуваме во светот на еден нереализиран филозоф кој е сопственик на цвеќарница. Во обид да ја открие мистеријата на исчезнувањето на неговата сопруга, презема трауматично патување во минатото – во својот гардеробер, среде руините на татковата куќа, по софиските улици, на брегот на Дунав, среде чаршијата во Скопје.

Петар Денчев (1986) е бугарски писател и театарски режисер. Дипломирал театарска режија и поставил претстави во најголемите театри во Бугарија. Книжевното деби го прави со раскази и поезија кои веднаш се наградени или номинирани на разни конкурси. Автор е на книги поезија, раскази и романи. Има објавувано во речиси сите бугарски весници и списанија како и во американското „The Litter Box Magazine“ и на хрватскиот сајт „Критична маса“. Преведен е на неколку јазици.

Душко Крстевски е роден во 1981 година во Скопје каде се школувал и моментално работи. Дипломира на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при скопскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Во 2013 година ја објавува поетската збирка „Алхемија на 21 век“. Застапуван е во неколку антологии на македонската млада поезија и учествува на неколку поетски фестивали. Работи како професор по македонски јазик и литература во Меѓународните училишта НОВА во Скопје. Од бугарски јазик ги има преведено делата на: Кристин Димитрова, Здравка Евтимова, Георги Господинов, Васил Георгиев, Алек Попов, Александар Секулов, Захари Карабашлиев, Виктор Пасков, Калин Терзијски, Добромир Бајчев, Петар Денчев и многу други.

Настаните се реализирани со поддршка на Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје, а книгата на македонски јазик е објавена во рамките на проектот „Создадено во Европа: моќта на различноста“ кофинансирано од програмата Циркулација на европски книжевни дела на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“.

Сподели