Биста на Томас Транстромер поставена во Струга

Биста на Томас Транстромер, добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата, е поставена во спомен-домот на браќата Миладиновци, каде се одржа свечен настан. Спомен-обележјето чиј автор е академскиот вајар Сокол Цфарку е донација за СВП од страна на македонскиот иселеник во Шведска, Антонијо Трпeвски и неговата сопруга Пирко Т. Киленен. Транстромер го доби „Златниот венец“ во 2003 година, а добитник на Нобеловата награда за книжевност во 2011 година.

На настанот присуствуваа гости од Шведска, кои беа во организирана посета на земјава под водство на Трпeвски и под покровителство на Дан Олофсон, познат шведски бизнисмен и филантроп, а исто така беа присутни членови на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата и истакнати претставници од културата.

Како специјални гости на настанот беа Миодраг Станковски, преведувачот на Томас Транстромер од шведски на македонски јазик и неговата сопруга Мариан Станковски. Миодраг Станковски во своето обраќање зборуваше за предизвикот да се преведе повеќеслојната поезија на нобеловецот Томас Транстромер кој ги третира вечните теми на животот, смртта и мистичното чувствување на природата. Тој евоцираше и спомени од настапот на Томас Транстромер како лауреат на Струшките вечери на поезијата во 2003 година.

Миодраг Станковски, преведувач на Транстромер

Станковски ја прочита специјалната порака за овој повод од Моника Транстромер, сопруга на Томас Транстромер, којашто изрази задоволство од чинот на поставување на ова спомен обележје.

– Ја имаме честа Томас Транстромер, големото име на светската поезија, да биде лауреат на Струшките вечери на поезијата, а имавме и среќа да го имаме извонредниот преведувач Миодраг Станковски, којшто мајсторски ја преведе поезијата на Транстромер од шведски на македонски јазик. Монографијата со избрани песни од Томас Транстромер е мостот што ги зближува нашите две култури и жив паметник на силата на поетскиот збор, како на авторот, така и на препејувачот. Од денес, имаме уште еден споменик отелотворен во ова прекрасно дело од нашиот истакнат акедемски вајар Сокол Цфарку, кој исто така мајсторски го долови ликот на Транстромер – рече Тодорче Тасевски, директор на фестивалот.

Беа прочитани песни од Транстромер на македонски и на шведски јазик, а помеѓу гостите од Шведска беа и музичари што го збогатија настанот со својот настап.
Томас Транстромер е еден од најпознатите шведски поети. Неговата поезија се карактеризира со чувството на мистерија и на чудо под површината на рутината на секојдневието, што им дава една религиозна димензија на неговите песни. Роден на 15 април 1931 година, а починал на 26 март 2015 година.

Сподели