Музички спектакл на платото на УКИМ: Македонските хитови во ново руво по повод Денот на Европа

Музички спектакл ќе се одржи вечерва во 20 часот на платото пред Универзитетот „Св. Кирил и Меродиј“ во Скопје. Платото ќе се трансформира во музичка сцена по повод настаните околу Денот на Европа, оносно концертот што го организира Јуроп хаус насловен „Мајска сесија – Дојди да се преслушаме“.

Концертот ќе биде незаборавно патување низ времето, каде што старите македонски хитови ќе добијат свежо и модерно руво, и тоа преку изведбите на актуелните млади бендови како „Фанк шуи“, „Пијан славеј“, Дина Јашари, „Сетстат“ и Марија Каева и „Ретро кабаре“. За дополнителна забава ќе се погрижат и диџеј Гоце и ЛД Пистолеро.

– Целта на настанот е да се вратиме низ времето и да се потсетиме на убавите мелодии од минатото преку преработки во различни стилови. Ова е можност што не се пропушта. Доаѓајте утре на платото на УКИМ, да уживаме заедно во музиката и спојот на старото со новото. Ве очекуваме – велат од Јуроп хаус.

Концертот ќе го води радиоводителот Драган Б. Костиќ, кој за време на концертот, во негов уникатен стил, ќе ги најавува новите аранжмани на старите хитови од познатите „Бастион“, „Леб и сол“, Маја Оџаклиевска, „Балкан експрес“, Драган Каранфиловски-Бојс, Ерзана, Нина Спирова и многу други, а публиката ќе има можност да ужива во едно несекојдневно мултимедијално искуство.

Два чата пред концертот (од 18 часот), посетителите може да ги посетат и книжевниот саем, винил поп-ап продавниците и гастрономскиот дел, кои ќе бидат дел од настанот и ќе служат како вовед и загревање за главниот настан што ќе почне во 20 часот.

Сподели