Шест филма на 4. Фестивал на грчки филм во Скопје и во Битола

Шест филма, по три долгометражни и кратки оставрувања ќе бидат прикажани на 4. Фестивал на грчки филм што ќе се одржи во Скопје и во Битола. Отворањето е закажано за задутре (7 април) во 20 часот во Кинотеката во Скопје, а во Битола ќе почне в понеделник со проекции во Кино „Манаки“.

Амбасадорката на Грција во нашата земја, Софија Филипиду на вчерашната прес-конференција го искажа задоволството поради одржувањето на Фестивалот и се осврна на филмот „Жена –убиец“ во режија на грчката режисерка Ева Натена. Филмот е инспириран од познатиот роман на познатиот грчки писател Алексаднрос Пападијамантис.

– Тој е еден од најистакнатите грчки писатели чии дела имаа големо влијание на модерните грчки автори. Неговиот роман се разгледува низ призмата на родовите студии – рече Филипиду.

„Жена-убиец“ е втора адаптација на истоимениот роман по онаа на Костас Ферис од 1974 година и ја отвора темата на доминација на машкиот над женскиот пол, на жената како жртва на цврсто вкоренетите традиции, обичаи кои долго време биле зацрврстени дури и во позитивното грчко законодавство. Се работи за филм кој е заснован на вистинки настани.

Во видеопорака режисреката Натена рече дека е среќна што филмот ќе се прикажува на Фестивалот.
– Жал ми е што не можам лично да присуствувам на фестивалот. Многу важно за мене и моите соработници е што можев да ја опишам траумата на мојата мајка и посакувам сите вистински да го почувствувате филмот. Го работев врз основа на истражувања кои траеја десет години – рече Натена.

Според Небојша Јовановиќ, директор на МФФ Киненова и организатор на Фестивалот, современите грчки филмски автори прават вивисекција на современото грчко општество.

– Во програмата доминираат темите за машко-женските односи, доминацијата на мажите, отуѓеноста на современиот човек во грчкото општество, а посебно е интересно бавењето со смртта и тоа во разни димензии, како казна, како решение, како поттик, како мотивација – рече Јовановиќ.

Во рамките на фестивалот ќе биде прикажан „Невидлив“, на Димитрис Атанитис, кој во основа е социјална драма, но режисерот прилично експериментира со својата филмската нарација. „Не би сакал да сум непристоен, но мораме сериозно да разговараме“ е во режија на Јоргос Георгопулос, еден од најинтересните и најгледани филмови во последните години во Грција. Режисерот на овој филм, е еден од преводниците на Грчкиот чуден филмски бран, заедно со Атина Цангари и Јоргос Лантимос. Филмот има особено необичен филмски израз и градење на филмската нарација, оригинална филмска приказна, правејќи силна алегорија на изместеноста и немањето баланс во машко-женските односи, каде можни жртви се само жените, а изразувањето и задоволувањето на мажите оди лесно ко песна.

Од краткометражните филмови ќе бидат прикажани: „Тишината на рибата што умира“ на Василис Кекатос, „Бјути“ на Танос Либеропулос и „Поглед од балконот“ на Арис Капланидис.

Сподели