Легендата Светлана Бојковиќ на 8 април со комедијата „Цело тело тука ме боли“ во Скопје

Комедијата „Цело тело тука ме боли“ по текст и режија на Никола Пејаковиќ ќе гостува на 8 април, во 20 часот, на сцената на Националната опера и балет во Скопје. Пред скопската публика ќе настапи легендарната српска актерка Светлана Бојковиќ, заедно со Радован Вујовиќ и Андријана Оливериќ.

Комедијата „Цело тело тука ме боли” си поигрува со актуелните, современи болести на општеството, комбинирајќи ги со проблемите на сите времиња кои го следат односот меѓу доминантна мајка и син единец; врска која се движи од жестоки конфликти до крајно интимни односи во кои доминира малограѓанството на мајката и разгалувањето на синот.

Мајката решава тајно, без знаење на синот, да пишува огласи и да ги залепи околу Кошутњак и Баново Брдо дека син и’ држи часови по математика, за да го раздвижи и да го извлече од апатијата и екстремната депресија во која западнал. Двајцата живеат во голема куќа на Баново брдо. Нивниот татко и сопруг Живан одамна умрел, а двајцата живеат досаден и монотен живот, во неприродна заедница.

Делото е создадено врз основа на мотивите од „Лекција” на Ежен Јонеско, и раскажува апсурдна приказна за нашето време, кое, на многу начини, може да се нарече време на апсурдот. Иако изгледа речиси дневно-политички актуелна, оваа приказна допира проблеми кои се стари откако постои човекот. Општеството тоне во грев и простотилак, без разлика што одредени делови силно му се спротивставуваат. Публиката ќе ги препознае настаните и ликовите од околината, ќе се смее и исмејува со оние на сцената.

Гостувањето го организира „Јес продукција“.

Сподели